Свет
Трамп: Доколку Иран ги прифати условите конфликтот завршува, во спротивно ќе следи поинтензивно бомбардирање
Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска изјави дека доколку Иран се согласи да ги исполни договорените услови, конфликтот ќе заврши, а Ормуската Теснинац би била отворена за сите, додека во спротивно ќе следи поинтензивно бомбардирање од претходно.
„Под претпоставка дека Иран ќе се согласи да го исполни договореното, што е можеби голема претпоставка, веќе легендарниот „Епски бес“ би завршил, а многу ефикасната блокада би овозможила Ормускста Теснина да биде отворена за сите, вклучително и за Иран“, напиша тој на мрежата Truth Social.
Трамп истакна дека доколку Иран не се согласи, бомбардирањето ќе започне и дека, за жал, тоа ќе биде на многу повисоко ниво и поинтензивно отколку порано.
Како што претходно денеска објави Аксиос, повикувајќи се на американски претставници запознаени со преговорите, САД и Иран се приближуваат кон постигнување прелиминарен меморандум за разбирање што би можел да го означи крајот на сегашниот конфликт и да го отвори патот за подетални преговори за нуклеарната програма на Иран.
Според овие изјави, Вашингтон очекува одговор од Техеран за клучните точки од договорот во следните 48 часа, и иако сè уште не е постигнат договор, изворите проценуваат дека двете страни се најблиску до договор од почетокот на конфликтот.
Предложениот меморандум од 14 точки би ја вклучил посветеноста на Иран на мораториум за збогатување на ураниум, заедно со постепено укинување на американските санкции и ослободување на замрзнатите ирански средства.
Тој би предвидел и ублажување на ограничувањата за пловидба низ Ормуз.
Како што е наведено, документот би прогласил крај на непријателствата и би започнал 30-дневен период на преговори за сеопфатен договор, кој би вклучувал нуклеарни ограничувања, слобода на пловидба и економски мерки.
Исламабад и Женева се споменуваат како можни локации за продолжување на преговорите.
Американските претставници наведуваат дека во тој период, иранските ограничувања за пловидба, како и американските поморски мерки, постепено би биле укинати, со можност за нивно повторно воведување доколку преговорите не успеат.
Клучното прашање во преговорите останува времетраењето на мораториумот за збогатување на ураниум.
Извори наведуваат дека САД бараат период до 20 години, додека Иран предлага пет години, со компромисни решенија кои се движат од 12 до 15 години.
По истекот на рокот, на Иран би можело да му се дозволи ниско ниво на збогатување.
Според предлогот, Иран би се обврзал да не развива нуклеарно оружје, како и да прифати засилен режим на меѓународни инспекции, вклучително и ненајавени инспекции.
Се разгледува и можноста за преместување на високо збогатен ураниум надвор од земјата, што е едно од клучните барања на Вашингтон.
Американската администрација проценува дека постојат поделби во рамките на иранското раководство што би можеле да го отежнат постигнувањето конечен договор, додека некои американски претставници остануваат скептични во однос на исходот од преговорите.
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од планираната воена операција во Ормуз, според изворите, е поврзана со напредокот во преговорите и напорите за зачувување на кревкото примирје.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека станува збор за сложен и технички тежок процес, нагласувајќи ја потребата од јасна дипломатска рамка, но во исто време изрази сомнежи за подготвеноста на иранското раководство да постигне договор.
мај 7, 2026

