Connect with us

Свет

Техеран објави дека погодил американски воен брод во Ормуската Теснина, Вашингтон демантира

Иранската војска соопшти дека спречила влез на американски разурнувачи во Ормуска Теснина. Од одделот за односи со јавноста на иранската војска наведуваат дека со „цврсто и брзо предупредување на морнарицата на Исламската Република е спречен влезот на непријателските американски и ционистички разурнувачи“ во овој стратешки важен воден пат.

Оваа тврдење доаѓа само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека американската војска ќе започне операција за помош на трговските бродови заглавени во теснината. Американската Централна команда (CENTCOM) набрзо потоа ја потврди поддршката за оваа мисија.

Иранската новинска агенција „Фарс“, повикувајќи се на локални извори, јави дека две ракети погодиле американски воен брод во близина на островот Јаск, откако пловилото ги игнорирало предупредувањата да запре. Според извештајот, по нападот бродот се повлекол од подрачјето. Сепак, висок американски функционер, како што пренесува „Аксиос“, категорично ги демантираше овие тврдења, нагласувајќи дека ниту еден американски брод не е погоден од ирански проектили.

Иранската морнарица објави и нова карта на подрачјето под нејзина контрола. На запад, зоната започнува од линијата меѓу иранскиот остров Кешм и емиратот Ум ал-Кувајн, додека на исток завршува кај линијата меѓу иранската планина Мобарак и емиратот Фуџајра во Обединетите Арапски Емирати.

Тензиите дополнително се заострија по пораката на претседателот Трамп на платформата „Трут соушал“ (Truth Social), каде што вети безбедно извлекување на бродовите кои се блокирани повеќе од два месеца и се соочуваат со недостиг на храна и на основни средства. Тој предупреди дека секоја акција што ќе ја попречи американската операција ќе биде „одлучно запрена со сила“.

Како одговор на ова, Иранското единствено заповедништво им порача на комерцијалните бродови и танкери да се воздржат од секакво движење што не е координирано со нивните сили.

„Повеќепати нагласивме дека безбедноста на Ормуска Теснина е во наши раце и дека преминот на секое пловило мора да биде координиран со нашите вооружени сили. Предупредуваме дека сите странски сили, а особено агресивната американска војска, ќе бидат нападнати доколку се обидат да влезат во теснината“, изјави Али Абдолахи, шеф на иранската команда.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4