Connect with us

Регион

Грчката поддршка за Катар, ситуацијата на Блискиот Исток и билатералните односи во фокусот на средбата Мицотакис-Ал Тани

Грчката поддршка за Катар против неиспровоцираните напади на Иран, ја изрази премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на средбата во Атина со емирот на Катар, шеик Тамим Бин Хамад ал Тани, кој од своја страна изрази надеж дека конфликтот преку преговори, ќе заврши наскоро, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, на средбата станало збор за последните случувања во Иран и поширокиот регион на Блискиот Исток, Мицотакис ја истакнал улогата на Грција „како сила за стабилност и како кредибилен партнер во регионот“, ја повторил потребата за изнаоѓање дипломатско решение што ќе обезбеди одржлив мир, а ја нагласил и потребата од целосно гарантирање на слободата на пловидба, особено во Ормуската Теснина.

Разговарале и за ситуацијата во Либан, потребата од поддршка на либанската Влада, одржување на прекинот на огнот и постигнување мировен договор што ќе биде од корист за безбедноста и стабилноста во регионот.

– Грција застана на страната на сите земји од Советот за соработка во Заливот, а особено на Катар, поддржувајќи ја вашата земја против неиспровоцираните напади на Иран. Особено ги цениме вашата улога и придонесот во постигнувањето прекин на огнот, а се надеваме и на траен мир, што ќе обезбеди слобода на пловидба во Ормуската Теснина и ќе ни овозможи да ја надминеме оваа сериозна глобална економска криза, која ги погоди сите наши економии, посочи Мицотакис на почетокот на средбата.

Емирот на Катар му се заблагодари и на грчкиот премиер и на Грција за поддршката „во овој континуиран конфликт во нашиот регион“.

– Навистина го цениме тоа, господине премиере. Секако, сите се надеваме дека овој конфликт ќе заврши многу брзо преку преговори и секако го следиме секој развој на настаните, посочи шеикот Ал Тани.

Во однос на билатералните односи, се договориле да се надградат и прошират во облик на соработка, што ќе ги вклучуваат трговијата, енергетиката, поврзаноста, одбраната, земјоделски производи, култура и образование, а станало збор и за инвестициите во Грција.

За време на посетата на емирот на Атина бил потпишан и Меморандум за разбирање во земјоделскиот сектор.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1