Connect with us

Култура

„Јон Вардар против галаксијата“ во официјална селекција на фестивал во Африка

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ продолжува со своето успешно меѓународно патување, овој пат со селекција на Фестивалот за анимирани филмови (ФФАА) во Абиџан, на Брегот на Слоновата Коска.

Станува збор за еден од водечките фестивали за анимација во Западна Африка, чија цел е да ја развива и промовира анимациската индустрија на континентот, но и да донесе интернационални продукции пред африканската публика. ФФАА презентира автори и студија од целиот свет претставувајќи платформа за културна размена, професионално вмрежување и откривање нови трендови во анимацијата.

Фестивалот ќе трае од денеска до 3 мај, а церемонијата на отворањето е вечерва во седиштето на МАСА, меѓународна организација посветена на промоција на африканските изведувачки уметности.

„Јон Вардар против галаксијата“ е еден од петте долгометражни филма што ќе бидат прикажани во главната селекција.  

Филмот, во сценарио и режија на Гоце Цветановски, е првиот долгометражен анимиран филм од Македонија и веќе има зад себе богата фестивалска траекторија, со проекции и награди во Европа, Јужна Америка, Северна Америка, Австралија и Азија. Продуцент е Алан Кастиљо, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, директор на анимација е Димитар Ѓоргиев, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2