Connect with us

Култура

Министерот Љутков најави активности за заштита, презентација и промоција на Самуиловата тврдина во Охрид

Заштитата, промоцијата и презентацијата на Охрид и охридската споменична целина како светски заштитено културно и природно наследство претставува врвен приоритет на Министерство за култура и туризам. Тоа го истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска од Охрид, каде што беше во работна посета, при што најави низа активности во таа насока за што се обезбедени средства од буџетот на Министерството.

– Во годината кога охридскиот Завод и Музеј одбележува 75 години од постоењето, во годишната програма за заштита на недвижност и културно наследство издвоени се 13 милиони денари за активности за ревитализација на Самуиловата тврдина, како и за интервенции и археолошки истражувања на локалитетот Манчевци – рече Љутков.

Министерот од Самуиловата тврдина порача дека во завршна фаза е проектот за ревитализација на локалитетот, со археолошки доистражувања и изведба на илуминација и партерно уредување на летната сцена.

Со тоа, како што рече, ќе биде обновена традицијата за изведба на театарски претстави, концерти и други културни настани на оваа локација, а истовремено ќе биде во насока и на исполнување на компонентата за самоиздржливост на тој простор.

– Ова ќе биде и една од сцените што ќе може да се користи и за организирање настани во рамките на програмата на фестивалот Охридско лето – рече Љутков.

Што се однесува на локалитетот Манчевци, тој рече дека обезбедени се средства за археолошки доистражувања, изведба на потпорен ѕид и обезбедување соодветни услови за презентација и промоција на тоа културно добро.

Директорот на Националната установа Завод и Музеј – Охрид, Горан Патчев, се заблагодари за значајните средства обезбедени од Министерството, што ќе бидат насочени кон заштита на културните обележја на градот, но некои од нив и за активности во областа на музејската дејност, за меѓународна презентација и соработка, инвестиции итн.

– Во проектот за Самуиловата тврдина акцент ќе биде ставен на заживување на летната сцена, партерно уредување, патеки на движење, опис на локалитетот, санитарен јазол, илуминација, озвучување… Паралелно ќе се спроведуват и археолошки истражувања на просторот – рече Патчев.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4