Скопје
Бесплатна тура со стручен водич низ постземјотресните обележја во Центар
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски ги поканува заинтересираните граѓани да се приклучат на бесплатната стручна едукативна тура, која ќе се одржи утре, со почеток во 12:00 часот, од локацијата „Плочник“ кај Градски ѕид.
Темата на прошетката се постземјотресните обележја во Центар, а низ значајните локации водич ќе биде историчарката по уметност и кустос Бојана Јанева. Граѓаните ќе имаат можност да се едуцираат за Градскиот ѕид, Главната пошта, Градскиот трговски центар , Македонска академија на науките и уметностите и др.
-Секој објект во Центар има своја приказна и своја историја. Ова е можност граѓаните да ја запознаат архитектурата и развојот на централното подрачје со стручен водич, кој ќе ги открие деталите за кои често не знаеме, а се дел од нашиот секојдневен простор- вели Герасимовски.
За учесниците е обезбеден пијалок и ужина, како и разгледници со репродукции од ремек-дела на БРУТ СКП, кои ќе бидат доделени како симболичен сувенир од оваа прошетка.
Прошетката, како што информираат од Општина Центар – Скопје, е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година, преку која се реализира едукативната програма „Центарски прошетки“, со цел да се придонесе кон поголема информираност, подобро запознавање со градското наследство и активно вклучување на граѓаните во културниот живот.
април 25, 2026

