Connect with us

Култура

Презентирана програмата на годинешното 66. издание на фестивалот Охридско лето

Со гала-концерт, со наслов „Љубов“, со оперската дива Ермонела Јахо од Албанија и светски реномираниот тенор Чарлс Кастроново од САД, во придружба на Оркестарот на Македонската опера, под диригентска управа на маестро Марко Боеми од Италија, ќе биде отворено годинешното 66. Охридско лето.

Како што беше посочено на денешната прес-конференција на која беше претставена програмата на годинешното фестивалско издание, свеченото отворање на Фестивалот на 12 јули ќе ја донесе пораката на љубовта, како суштината на уметноста и на човечкото постоење, моќниот двигател што создава, инспирира и поврзува…

Пред медиумите се обрати министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој рече дека програмата на годинешното фестивалско издание е внимателно одбран спој на традицијата и современите уметнички текови, нудејќи доживување достојно за угледот на Фестивалот кој над шест децении претставува симбол на уметничкиот и културен континуитет, афирмирајќи ја нашата земја како значајна дестинација на светската културна мапа.

– Охридско лето не е само сцена, тоа е сведоштво за нашата посветеност кон културата како двигател на општествениот развој и како вредност што не обединува…Програмата што ја подготвија селекторите нуди исклучително богат и разновиден репертоар. Ќе имаме можност да проследиме настапи на врвни домашни и светски уметници од областа на музиката, театарот и сценските уметности. Посебен акцент е ставен на квалитетот, иновативноста и внимателно конципираната програмска целина – рече Љутков.

Фестивалот и оваа година ќе ги оживее најубавите сцени во Охрид: Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и други уникатни простори кои самите по себе се дел од културното наследство.

– Токму таа синергија меѓу уметноста и амбиентот го прави Охридско лето неповторливо доживување. И токму таму каде што каменот памети векови, а уметноста зборува без превод, на сцената на Античкиот театар, новото фестивалско поглавје ќе биде означено со гала-концертот „Љубов“ – рече Љутков истакнувајќи дека Министерството за култура останува силно посветено на поддршката на настани што ја афирмираат националната култура на меѓународната сцена, но и го развиваат културниот туризам како важен сегмент од националната економија.

За директорот на Националната установа, Ѓорѓи Цуцковски, Охридско лето не е само фестивал – тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите… Според него, уметноста го добива своето суштинско значење само доколку успее да го допре човекот, да го трансформира и да создаде простор за нови доживувања. Таа не е само израз, туку процес на будење, кој го менува човекот однатре и отвора нови перспективи во секојдневниот живот.

– Токму таа длабочина на уметничкиот израз живее и дише овде, на сцените на Охрид, град во кој тишината на езерото и ехото на вековите создаваат посебна магија што се чувствува со срце. Во овој град, каде што традицијата и убавината се преплетуваат, уметноста добива нова димензија и нова сила.

А таа визија е токму Охридско лето – фестивал кој ја афирмира уметноста како мост меѓу култури, генерации и уметнички изрази. Мотив плус да создадеме програма која ги обединува врвните уметници и различни уметнички области, со цел да понудиме квалитетна и разновидна фестивалска содржина, рече тој.

Инаку, публиката во текот на 40-те фестивалски дена ќе има можност да проследи богата и разновидна програма составена од врвни музички, драмски и балетски остварувања, бројни концерти на реномирани солисти и ансамбли од Европа и светот, како и премиери на театарски претстави од домашни и странски продукции. Фестивалот оваа година содржи вкупно 48 настани, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот, што дополнително ја потврдува неговата меѓународната димензија и позиција на светската културната мапа.

На фестивалските сцени низ Охрид ќе продефилираат светски афирмирани уметници како пијанистот Александер Мелников, виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистката Исата Кане-Мејсон, како и истакнатиот пијанист Вадим Холоденко. Фестивалската публика ќе има можност да ужива и во настапите на бројни камерни ансамбли и оркестри од Европа и светот, како и престижната регионална Загрепска филхармонија под диригентската палка на Давид Рунц, која доаѓа во полн состав со 70 изведувачи на сцена.

Првпат фестивалот ќе биде домаќин на два интернационални симфониски оркестри, меѓу кои и кинескиот симфониски оркестар „Нингбо“, препознатлив по своите динамични настапи и уметничка впечатливост.

Драмската програма и оваа година зазема значајно место во фестивалската понуда. Публиката ќе има можност да проследи повеќе премиерни и гостински театарски продукции, меѓу кои премиерата на претставата „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, претставата „Кориолајн“ од Вилијам Шекспир во режија на Џон Блондел, како и „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Дејан Пројковски, еден од најочекуваните театарски настани што премиерно ќе биде изведен на свеченото затворање на фестивалот.

На барање на публиката, по успешната џез-вечер минатата година, на сцената на Долни Сарај ќе се реализира програмата OH JAZZ (Охрид џез), во чии рамки се предвидени четири спектакуларни џез-вечери со учество на врвни домашни и странски музичари, меѓу кои светската џез-ѕвезда Нубаја Гарсија, резидент-артистот Петер Сомуа, како и настапот на Националниот џез-оркестар на Македонија.

Во рамките на програмата ќе се одржат и значајни јубилејни настани, меѓу кои и одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, со промоција на монографија посветена на нејзиниот лик и дело.

Фестивалот ќе ги отвори своите сцени и за младите уметници преку програмите Rising stars и „Подиум на млади“, со што продолжува поддршката на новите генерации таленти и нивниот уметнички развој.

Инаку, веќе од денеска почнува и онлајн-продажбата на билети за фестивалските настани, со што на публиката ѝ се овозможува поедноставен пристап до програмата на најголемата и најпрестижна музичко-сценска манифестација во земјата.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2