Свет
„Волстрит џурнал“: Маск наредил ограничување на воената верзија на Старлинк, на која се потпира Украина
Илон Маск минатата недела наредил забавување на воената верзија на сателитската услуга Старлинк на „СпејсИкс“, на која се потпира Украина, објави вчера „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски функционери и лица запознаени со случајот.
Украина го користи Старлинк за комуникација на фронтот и за операции со беспилотни летала.
Според весникот, Маск и американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговарале за одлуката поврзана со Старлинк кратко откако ограничувањето станало јавно, минатата недела за време на кампања на Трамп. Во написот се наведува дека двајцата разговарале за тоа прашање и пред донесувањето на одлуката за ограничување на услугата
Претходно агенциите објавија дека наредбата за ограничување на сателитскиот систем дошла од Белата куќа.
Трамп минатата недела изјави дека ниту тој ниту Маск не се одговорни за тоа што Украина го изгубила пристапот до Старлинк. Маск, пак, рече дека за ограничувањата на брзината или користењето на системот одлучуваат американската војска или претседателот.
Односите меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и Вашингтон дополнително се влошија откако Трамп најави договор за купување руски дизел и се откажа од воведување нови санкции против Москва. Трамп, исто така, побара од Киев да престане со нападите врз руските рафинерии и ги повика Украинците да го сменат Зеленски.
Зеленски, кој престојува во Осло во обид да ги подобри односите со САД, во вторникот изјави дека разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио за низа прашања, меѓу кои и „ситуацијата со Старлинк/Старшилд, чие функционирање треба повторно да се воспостави“.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, синоќа изјави дека Вашингтон не ѝ го ускратил на Украина пристапот до сателитската мрежа Старлинк, но навести дека проблемот е поврзан со условите за користење што Киев мора да ги почитува.
октомври 21, 2026


