Connect with us

Култура

Деспина Сиљаноска ‒ најдобра на петтата „Отскочна даска“

Деспина Сиљаноска од Прилеп е избрана како најдобра на петтото издание на „Отскочна даска“, преднастан на Скопскиот поетски фестивал, наменет за млади поети што се одржа синоќа во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. 

На настанот читаа единаесетмина млади поети и поетеси на возраст од 16 до 30 години. Публиката имаше можност да ги слушне: Марија Алексовска, Вероника Димоска, Христијан Илиевски, Васја Мицковски, Милена Неделковска, Деспина Сиљаноска, Елена Соколоска, Бојана Спасовска, Кире Џотов, Ива Шајноска и Ели Шапкарова. По читањето, самите поети учесници, со гласање во два круга, ја одбраа Деспина Сиљаноска од Прилеп како најдобрата меѓу нив, па таа ќе отскокне до официјалното отворање на фестивалот на 7 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и ќе настапи заедно со другите учесници во официјалната програма.

‒ Ја посведочивме можеби најубавата „Отскочна даска“ досега! „Буква“ беше преполна, а младите поети беа прекрасни на сцената. Беше вистинско уживање да се слушне и види начинот на кој ги интерпретираа своите песни, начинот на кој умешно комуницираа со публиката и се претставија како искусни поети со актерска умешност ‒ изјавија од фестивалот.

Дополнително, по повод овој минијубилеј, беше најавено и дека во соработка со издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, ќе биде објавена и панорама во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници на „Отскочна даска“ изминативе 5 години. Изданието ќе се промовира непосредно пред официјалното отворање на фестивалот, на 7 мај, од 18:00 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, со читање на кое ќе бидат поканети да настапат сите млади автори застапени во панорамата.

Скопскиот поетски фестивал, ќе се одржи во периодот од 7 до 9 мај на повеќе локации во Скопје.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1