Регион
За две години двојно зголемен бројот на пациенти на Клиниката за онкологија во Ниш
Во изминатите две години двојно е зголемен бројот на пациенти на Клиниката за онкологија на Универзитетскиот клинички центар во Ниш, наведе синоќа Ана Цветановиќ, директорка на таа здравствена установа на Националната конференција за онкологија NOK 2026.
Taa додаде дека зголемениот број пациенти не е само поради зголемениот број на новодијагностицирани случаи туку и затоа што пациентите со рак се лекуваат подолго и живеат подолго.
Ниш е трет по големина град во Србија, со повеќе од 250.000 жители.
„Секој ден имаме од 130 до 140 пациенти во дневната болница, имаме 60 кревети во болничкото одделение кои постојано се пополнуваат, имаме околу 200 пациенти дневно на терапија и над 200 пациенти неделно на консултации. Тоа е многу, многу, голем број пациенти“, рече Цветановиќ.
„Очекуваме дека во септември или октомври нови иновативни лекови ќе им бидат достапни на нашите пациенти. На овој начин, ќе можеме да ги лекуваме пациентите со некои подтипови на рак на дојка, рак на белите дробови, гинеколошки и гастроинтестинални карциноми според сите европски и светски упатства“, нагласи Цветановиќ на состанокот што започна синоќа.
Таа рече дека овогодинешната, четврта Национална конференција за онкологија, собрала 350 лекари од Србија и земји од регионот, кои ќе имаат можност да слушнат речиси 50 предавачи.
Државниот секретар на Министерството за здравство, Ференц Вицко, на отворањето на состанокот потсети дека Министерството потпишало договор со Европската комисија за користење средства од најголемата здравствена програма на Европската Унија (EU4Health) за подобрување на третманот, дигитализацијата и достапноста на здравствените услуги.
„Таа програма е вредна 4,4 милијарди евра. Онкологијата е застапена таму, од скрининг и дијагностика до соодветна терапија“, рече Вицко, пренесоа српските медиуми.
мај 24, 2026

