Регион
Црна Гора слави 20 години од обновата на независноста
Црна Гора денеска го одбележува Денот на независноста и 20 години од обновата на државната самостојност на референдумот од 21 мај 2006 година, со бројни свечености, концерти и пораки од официјалните лица дека европскиот пат, граѓанското единство и зајакнувањето на институциите остануваат клучни приоритети на државата.
На референдумот во 2006 година, граѓаните се изјаснуваа за тоа дали државата треба да ја обнови независноста и да излезе од државната заедница со Србија. За обнова на независноста тогаш гласаа 55,5 отсто од граѓаните, додека 44,5 отсто гласаа за останување во заедницата.
Денот на независноста беше одбележан синоќа со концерти, огномети и баклијади ширум земјата. Централната прослава се одржа во Подгорица со концерт на црногорски изведувачи, каде што главна ѕвезда беше Сергеј Ќетковиќ. Се славеше и во Даниловград, Цетиње и во Котор, пренесува Радиотелевизија Црна Гора.
На свеченоста по повод јубилејот, одржана во лозјето „13 Јули Плантаже“, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ порача дека државата ја прави силна способноста на граѓаните различностите да ги претворат во заедничка визија. Спајиќ истакна дека членството на Црна Гора во Европската Унија е природен пат на државата.
„Ова е наша битка за европска Црна Гора и за поколенијата што доаѓаат. Таа ги надминува дневната политика и партиските, идентитетските и сите други поделби. Историјата не чука двапати на иста врата. Затоа, да ја отвориме заедно“, порача Спајиќ.
Европската комесарка Марта Кос изјави дека местото на Црна Гора во ЕУ е сè поизвесно, а честитки и пораки за заедништво упатија и голем број црногорски министри и функционери, меѓу кои Никола Цамај, Мараш Дукај, Дамир Гутиќ, Борис Богдановиќ, Ервин Ибрахимовиќ, Алекса Бечиќ и Мирсад Нурковиќ. Мисијата на ОБСЕ во Црна Гора соопшти дека земјата во изминатите две децении остварила важни демократски и развојни чекори.
Од друга страна, аналитичарите оценуваат дека се пропуштени доста можности и дека во одредени области можело да се напредува побрзо. Тие се согласни дека е неопходно Денот на независноста да не биде предмет на поделби, да се зајакне граѓанската свест и да се создадат институции кои ќе бидат посилни од партиите и од поединците.
мај 21, 2026
