Connect with us

Регион

Шмит: Единството на меѓународната заедница за БиХ е поважно од мојот мандат

Германскиот политичар Кристијан Шмит изјави дека не ја донел лесно одлуката за повлекување од должноста висок претставник за БиХ, откривајќи дека тоа го направил за да го зачува единството на меѓународната заедница во односот кон таа земја, пренесува Дојче веле.

Шмит го најави своето повлекување од функцијата висок претставник откако на оваа позиција помина нешто помалку од пет години, период во кој не се двоумеше да ги користи широките овластувања што му стојат на располагање, вклучувајќи смени на избрани функционери и наметнување закони.

Врз основа на таквите наметнати измени во Кривичниот закон на БиХ, сменет беше долгогодишниот лидер на босанските Срби, Милорад Додик, кој по ова започна жестока лобистичка кампања, насочена пред сè кон администрацијата на Доналд Трамп, со цел укинување на санкциите и ограничување на влијанието на Шмит.

Американската амбасадорка во ОН, на последната дебата за состојбата во БиХ одржана во мај во Советот за безбедност, потврди дека САД сега сакаат да видат поинаква улога на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), со задача пред сè да им помогне на локалните лидери во преземањето на одговорноста за состојбата во земјата.

Шмит во интервјуто за Дојче веле потврди дека оставката што ја поднел е резултат на променетите меѓународни околности, што се одразува и на односите во Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИЦ), тело кое ја насочува работата на високиот претставник, а ги вклучува највлијателните западни земји и Турција. Русија, која се залага за целосно затворање на ОХР, самата се исклучи од ова тело.

– Дали сакаме да продолжиме со Дејтон или да следиме други пристапи? Која е улогата на меѓународната заедница? За тоа постојат различни мислења. Морам да бидам сигурен дека имам консензус во меѓународната заедница. Сакам да го зачувам тој консензус, колку и да звучи парадоксално. Верувам дека тој може да се зачува само ако го преземам чекорот што апсолутно не го сакав: да се повлечам од преговорите и да им го отворам патот на другите – изјави Шмит.

Неговата порака е дека работата во БиХ не е завршена и мора да продолжи бидејќи во прашање е одлуката дали земјата ќе го продолжи патот кон евроинтеграциите или ќе превладаат силите кои го поттикнуваат нејзининото распаѓање. Како носител на второто сценарио го означи Додик, велејќи дека тој со своето лобирање всушност се обидува да овозможи сецесија, односно независност на Република Српска, укинување на судската пресуда против него и заминување на Шмит.

– За тоа вложи многу пари – додаде Шмит.

Кој ќе биде неговиот наследник на должноста висок претставник сè уште не е познато, а за тоа Управниот одбор на ПИЦ ќе расправа на седницата најавена за 3 и 4 јуни.

– Можам само да кажам дека секој што доаѓа овде мора да знае дека ова е балансирање меѓу невозможна мисија и мали чекори напред – му порача Шмит на својот наследник.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1