Култура
Во Велес се одржа концертот „Глас во квартет“
На големата сцена на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес синоќа се одржа концерт на класична музика насловен „Глас во квартет“ со настап на врвните музичари: Гонца Богоромова Краповски сопран, Елена Стојчева флејта, Роман Петиот на гитара од Франција и Паскал Краповски на виолончело. Тие пред велешката публика настапија со дела од Б.Димитровски, Русел, Д.Темков на текст од Блаже Конески, од Д.Андовска, Х Вила Лобос, А Пјацола, М.М.Понс и изнудија долг и силен аплауз и враќање на бис. Концертот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам.
По концертот еден од неговите членови Паскал Краповски за МИА, информира дека овој квартет „Глас на квартетот“ е специфичен по тоа што е составен од брачни двојки, а тој дел од поголем Ансамбл „Алтус“ кој е составен од 10 врвни музичари.
- Може да се наречен модуларен квартет во различна форма, гудачки квартет, а имаме вокал сопран, флејта, гитара, виолончело, две виолини, виола, пијано и кларинет. Во ансамблот имаме и музичар од Велес Игор Иванов –кларинетист од Македонската опера и балет, чиј брат Иван Иванов е член на Македонскиот џез оркестар, појасни Краповски.
Тој беше воодушевен од салата на театарот и нејзината алустика и како сето тоа звучи и посака и следни гостувања во оваа светски врвна сала. Единствено зажали за малиот број на присутни во публиката на ваков концерт со врвни македонски музички имиња познати и признати во светски рамки.
Инаку од салата и акустиката беше многу воодушевен и францискиот гитарист Роман Петиот кој е член на овој квартет и воедно е сопруг на флејтистката Елена Стојчевска.
По овој концерт, тие на 8 јуни ќе настапат и во Струмица.
Инаку во Ликовниот салон во Велес на 18 мај, исто така со подршка на Министерството за култура и туризам, се одржа и солистички концерт, кларинет рецитал на Ристо Ѓоревски во пијано придружба на Елена Атанасовска Ивановска.
мај 21, 2026
