Политика
Филипче: Без европско правосудство нема враќање на довербата во државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање на панел-дискусијата во рамки на конференцијата „Седум децении подоцна: Од визијата на Шуман до новите геополитички предизвици на Европа“, рече дека без европско правосудство не може да се врати довербата на граѓаните во државата и дека системските слабости и партизацијата ја разградуваат довербата во институциите, стои во соопштението на СДСМ што МИА го објавува интегрално.
Осврнувајќи се на состојбата во правосудството, Филипе посочи на бруталната партизација од страна на власта, не само во правосудството, туку на секое ниво во државата.
„Може ли да се врати вербата во правосудството? Не може без Европското правосудство. Не веруваат луѓето повеќе. Проблемот е подлабок и се однесува на целокупниот систем, а причините за ваквата состојба, се бруталната партизација којашто продолжува на секое ниво.“
„Ние можеме до утре да дебатираме за вредностите на Европска Унија, за тоа како ќе ги вратиме вредностите општествени. Нема да ги вратиме без ова. Ќе биде уште полошо и уште повеќе ќе се иселуваат младите и нема да гледаат шанса тука. Не поради стандардот, туку поради тоа што немаме систем и никој не верува веќе дека може да го воспоставиме“, потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се осврна на закочениот европски пат на државата, преговарачката рамка и реформските процеси.
Нагласи дека не треба да се губи време, дека постојат јасни чекори на патот кон Европската Унија и дека тие веќе се дефинирани од страна на европските институции.
„Па ние не сме земја во Африка којашто сакаме да влеземе во Европската Унија, па не викаат чекајте тоа е невозможно. Ние имаме конкретен предлог од сите земји членки на Европската Унија, се вика преговарачка рамка. Ја изгласале сите земји членки на Европската Унија, првиот чекор што треба да се направи е да се направат уставни измени. И да се случи следната меѓу владина конференција. Тоа е на масата. Зошто е тој скептицизам? Зошто е стравот? Напишавме предлог-резолуција да се обединиме околу националните интереси после гласањето на уставни измени нема преговори за која било и да е идентитетска одредница. Од што се плашиме, ако сите седиме заедно на масата за тие работи? Се знае кој е првиот чекор.“, потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ предупреди дека одложувањето на одлуките може да има сериозни последици по иднината на државата.
„Уште ли ќе губиме време? Зошто да се остави на следните генерации? Тие во меѓувреме само ќе заминат од земјата и ништо друго. Ако навистина сакаме да се интегрираме во Европа и да ја сузбиеме корупцијата којашто е присутна на секое ниво, а сами не можеме. Патот е јасен.“, потенцираше Филипче.
мај 21, 2026
