Забава
Компанијата „Катерхам“ претстави ново специјално издание на моделот 7
Со двоседот „Севен“ кој ќе биде произведен во симболични 100 примероци, малата британска компанија „Катерхам“ потсетува на 100-годишнината од познатата германска патека на која заврши 54-тото издание на „трката 24 часа Нирбургринг“.Одбележувајќи ја 100-годишнината на единствената германска патека „Нирбургринг Нордшлајфе“ (Nürburgring Nordschleife), во „Катерхам“ подготвија бројчено ограничено издание базирано на својот безвременски ретро двосед „Севен“, кое го носи името „Нирбургринг издание“ (Nürburgring Edition), а уште една во низата специјални „Седумки“ ќе биде произведена во симболични 100 примероци.
Како почит за познатиот „зелен пекол“, со кој со децении успешно и неуспешно се соочуваат илјадници возачи и тркачи од целиот свет, компанијата го претстави автомобилот покрај самата патека. Британците, покрај верзијата „Нирбургринг издание“ вградија и елементи на суспензија зад кои стои познатата германска компанија „Билштајн“.
При развојот се користени симулатори со цел прецизно да се намести суспензијата и да одговори на бројните предизвици на една од најбараните и најтешките патеки во светот, која и оваа година повторно беше место на голем број инциденти и откажувања за време на 54-тото издание на трката „24 часа Нирбургринг“.
Украсена со црвени детали и специјални ознаки, светлосивата каросерија, чија маса изнесува само 560 килограми, ја носи механиката на Форд-атмосферски дволитарски четирицилиндарски мотор од серијата „Duratec“, кој развива 210 коњски сили и 203 „Nm“-максимален вртежен момент. Во комбинација со ултралесната конструкција, оваа погонска единица овозможува забрзување од 0 до 100 km/h за 3,8 секунди, како и максимална брзина која се приближува до 220 km/h.
За пренос на силата на задната оска е задолжен рачен петстепен менувач, додека извонредната управливост, покрај ниската маса и соодветниот избор на пневматици, дополнително е подобрена со механички диференцијал со ограничено пролизгување. Дека „Севен нирбургринг“ (Seven Nürburgring Edition) е адаптиран за возење на патека потврдува и системот за сопирање со четириклипни кочни клешти, како и внатрешната безбедносна структура со црвени заштитни цевки зад седиштата, на кои безбедносните појаси се прицврстени во четири точки.За ова специјално издание на „Севен“, инспирирано од Нирбургринг, купувачите ќе треба да издвојат нешто повеќе од 57.000 евра. Во цената е вклучена и специјална плочка која означува дека станува збор за ограничено издание.
мај 19, 2026
