Регион
Шмит: Американски дипломати не ми се заканија со црна листа
Високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во интервју за Face TV од Сараево, ги негираше тврдењата дека американските дипломати му се заканиле дека ќе го стават на црна листа доколку не се повлече од функцијата.
Шмит минатиот викенд објави дека се повлекува од функцијата прв човек на меѓународен надзор над Босна и Херцеговина, а во вторникот тоа го потврди и во дебата пред Советот за безбедност на ОН посветена на Босна и Херцеговина.
Медиумите во Босна и Херцеговина претходно истакнаа дека американските дипломати вршеле притисок врз Шмит, па дури и му се заканувале со црна листа ако не се повлече.
„Дефинитивно немаше никој што на кој било начин сакаше да ме стави на црна листа или нешто слично. Во секој случај, никој не ми го кажа тоа“, рече Шмит во интервјуто.
Шмит потврди дека со американски и други дипломати разговарал за иднината на меѓународната администрација на Босна и Херцеговина.
Тој додаде дека неволно ја напушта функцијата висок меѓународен претставник, но дека тоа била исклучиво негова одлука.
Заменичката постојана претставничка на САД во ОН, Тами Брус, за време на дискусијата во Советот за безбедност изјави дека новиот висок претставник мора да биде непристрасен и да ја има довербата на сите три страни и дека е време за промена.
Спорот со Шмит наводно настанал поради неуспехот да се реши прашањето за државниот имот поврзан со изградбата на Јужната гасна интерконекција и сомнителната набавка на нови уреди за есенските избори.
Во интервјуто, тој нагласи дека „државниот имот ѝ припаѓа на државата“ и предупреди дека Босна и Херцеговина мора законски да ја регулира неговата употреба.
Српската страна во БиХ остро се спротивставува на таквото толкување.
Зборувајќи за изборите, тој предупреди на можна изборна измама и рече дека мора да се обезбеди дека „секој глас се брои“.
Зборувајќи за наследникот, Шмит рече дека тој ќе има исклучително тежок мандат.
„Работата на висок претставник е една од најтешките задачи што европската политика може да му ги додели на некого“, рече Шмит.
Неговиот наследник би можел да биде познат веќе на почетокот на јуни, кога во Сараево ќе се состане Советот за спроведување на мирот во БиХ, телото кое ја надгледува работата на Високиот петставн ик за БиХ.
мај 17, 2026
