Скопје
Реконструирана улицата „Жил Верн“ во Кисела Вода по повеќе од 40 години
Финализирани се градежните активности за реконструкција на улицата „Жил Верн“ во Општина Кисела Вода. Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денеска изврши увид во завршениот проект и финалното асфалтирање, кое значително ќе ја подобри сообраќајната безбедност и квалитетот на живеење во овој дел од општината.
Со проектот е извршена целосна реконструкција на коловозот и тротоарите во должина од 215 метри. Од Општината посочуваат дека улицата не била обновена повеќе од четири децении, поради што нејзината ревитализација била еден од приоритетите за подобрување на локалната инфраструктурна мрежа.
– Решавањето на децениските проблеми не е само ветување, туку наша секојдневна работа на терен. После цели 40 години, улицата „Жил Верн“, со нов коловоз и безбедни тротоари, конечно го доби ликот што го заслужува. Работиме маало по маало, улица по улица, за секој наш жител-изјави Стаменкоска Трајкоска при увидот на градежните работи.
Таа додаде дека станува збор за уште еден инфраструктурен проект реализиран преку соработка со Владата, со цел модерна и рамномерно развиена Општина Кисела Вода.
Проектот се реализираше во рамките на соработката со Владата за капитални проекти во општините (фаза 2), поддржани преку унгарскиот кредит и договорот со Министерството за транспорт и врски.
мај 16, 2026
