Скопје
Општина Аеродром воведе нова еколошка технологија за дезинфекција во градинките
Општина Аеродром, во соработка со компанијата ЕКОТИП, воведе современа Tersano SAO® технологија за чистење, дезинфекција и дезодорирање во сите објекти на детската градинка „Буба Мара“, со што се поставуваат нови стандарди за хигиена, безбедност и грижа за здравјето на децата.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и комерцијалната директорка на ЕКОТИП, Ина Милошевска, денеска извршија увид во функционирањето на новата технологија.
Како што соопшти Општина Аеродром, станува збор за иновативен и еколошки систем кој преку стабилизирана озонска технологија создава средство за чистење и дезинфекција без употреба на агресивни и штетни хемикалии.
Од Општина Аеродром информираат дека системот овозможува уништување на 99,9 проценти од бактериите, вирусите и другите патогени микроорганизми, а истовремено е безбеден за секојдневна употреба во простории каде престојуваат деца.
Локалната самоуправа најавува дека и во иднина ќе продолжи со имплементација на современи практики и технологии со цел обезбедување поквалитетни услови за децата и повисоки стандарди во јавните установи.
мај 16, 2026
