Забава
Црногорец во подводен риболов улови туна тешка 82 килограми
Репрезентативецот на Црна Гора во подводен риболов, Душан Вукчевиќ, по драматична 18-минутна борба со туна тешка 82 килограми, успеа да ја извлече огромната риба. Туната е уловена на отворено море,во близина на Бар, пренесе РТЦГ.
– Ова е улов на животот, како што милуваме да кажеме ние риболовците. Станува збор за голема и опасна риба, т.е исклучително е тешка за лов бидејќи поседува огромна сила. Тоа се суштества кои во текот на целиот свој живот само пливаат и се хранат, немаат одмор и имаат исклучително голема сила. Средбата со џиновската туна се случи на длабочина од 12,5 метри, изјави Вукчевиќ.

– Не ја чекав долго. Се појави, можеби по минута и пол. Малите рипчиња одеднаш се разбегаа, што веднаш ми беше јасен знак дека пристигнува голем предатор. Испукав и ја погодив низ десната странична перка. Иако тоа беше добар погодок, сепак не успеав целосно да ја онеспособам за да престане да плива, објасни Вукчевиќ.
Подводниот риболовец од Црна Гора додаде дека во тој момент започнала вистинската борба со моќната риба која го влечела низ морската површина цели 18 минути, додека тој истовремено се трудел да не биде повлечен во морските длабочини. Вукчевиќ нагласи дека туната на крајот била совладана благодарение на неговиот пријател Бобан Радошевиќ, кој го следел со чамец и успеал уште еднаш прецизно да ја погоди огромната риба и да ја прекине борбата.
мај 14, 2026
