Connect with us

Регион

Евробарометар: Над половина од граѓаните на Црна Гора имаат доверба во владата и ја поддржуваат ЕУ

Довербата на граѓаните во институциите во Црна Гора значително пораснала во последните месеци – покажуваат податоците од најновото истражување на Евробарометар, објавено по повод Денот на Европа, пренесе МИНА.

Според истражувањето, 54 проценти од црногорските граѓани имаат доверба во владата во споредба со 28 проценти есента минатата година.

Значително зголемување е забележано и кај довербата во парламентот, која достигнала 50 проценти наспроти 27 проценти во претходното истражување.

Раст е забележан и во однос на судскиот систем, на кој му веруваат 49 проценти од анкетираните, што е за 29-процентни поени повеќе во споредба со есента минатата година.

Довербата во полицијата се зголемила за 30-процентни поени, а во армијата за 36-процентни поени.

Истражувањето покажува и силна поддршка за Европската Унија меѓу граѓаните на Црна Гора. Речиси две третини од анкетираните, односно 65 проценти, изјавиле дека имаат доверба во ЕУ, што претставува зголемување од 34-процентни поени во однос на претходното истражување.

Според податоците, 71 процент од Црногорците се оптимисти за иднината на ЕУ, а 66 проценти сметаат дека членството во Унијата е позитивна работа.

Три четвртини од анкетираните, односно 75 проценти, веруваат дека идното членство на Црна Гора во ЕУ ќе донесе конкретни придобивки за земјата.

На прашањето кои се најсериозните проблеми со кои се соочува државата во моментот, 34 проценти од граѓаните ги посочиле растечките цени, инфлацијата и трошоците за живот.

За 29 проценти, главен проблем останува економската состојба, а 14 проценти ја издвоиле имиграцијата како клучен предизвик. По 13 проценти од анкетираните ги посочиле јавниот долг и невработеноста како најважни проблеми за земјата.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4