Свет
Главната јавна обвинителка на Израел ја оспори одлуката за назначување на Роман Гофман за иден шеф на Мосад
Израелската Главна јавна обвинителка, Гали Бахарав-Миара, ја оцени како невалидна одлуката на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го назначи генерал-мајорот Роман Гофман за иден шеф на разузнавачката служба „Мосад“.
Според неа, „фундаментално“ бил нарушен процесот за назначувањето, со сериозни пропусти во работата на Консултативниот комитет за високи именувања и во фактичката основа врз која се темели одлуката.
Бахарав-Миара пред Врховниот суд на Израел наведе дека таквите недостатоци се доволни за поништување на одлуката на премиерот.
Комитетот за високи именувања со мнозинство гласови донесе одлука Гофман да биде назначен за шеф на израелското разузнавање, функција со петгодишен мандат на која треба да стапи на 2 јуни.
Позицијата на јавната обвинителка наиде на остри реакции од сојузниците на Нетанјаху. Министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, ја обвини Бахарав-Миара дека „дејствува против државата Израел“ и додаде дека „во Техеран ја поздравуваат“ нејзината позиција, додека Гофман се „бори против непријателот“.


