Скопје
Општина Кисела Вода: Поставени уште 15 контејнери за текстилен отпад пред училиштата и градинките
Во општина Кисела Вода поставени се нови 15 контејнери за текстилен отпад кои се распоредени пред основните училишта и детските градинки. Со ова, информираа денеска од општината, иницијативата добива изразена едукативна димензија, директно насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и поттикнување на одговорни навики за заштита на животната средина уште од најрана возраст.
Ова претставува втора фаза од проектот кој се реализира во соработка со лиценцираната компанија „ЕКО-ТЕКС ГРУП“ ДОО Скопје. Првите 15 контејнери пред неколку месеци беа поставени пред сите месни и урбани заедници со цел да бидат лесно достапни за граѓаните. Од почетокот на нивното поставување досега, жителите покажаа исклучителна одговорност, при што се веќе собрани над 2 тона текстилен отпад кој е соодветно селектиран.
– Со поставувањето на овие контејнери пред образовните институции правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот, сакајќи екологијата да ја направиме дел од секојдневието на нашите дечиња. Досега собраните 2 тона отпад, за овој краток период, се доказ дека нашите сограѓани сакаат да се грижат за својата општина. Упатувам голема благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и за оваа значајна донација преку која заедно придонесуваме кон почиста и поздрава околина- вели во пишана изјава градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска.
мај 10, 2026

