Connect with us

Култура

Македонскиот павилјон на 61. Венециско биенале вечерва отворен со проектот на уметникот Велимир Жерновски

Во изложбениот простор „Ex Capella Buon Pastore“ во Венеција, вечерва официјално е отворен павилјонот на Република Северна Македонија на 61. Венециско биенале. Нашата држава на најпрестижната меѓународна изложба на современата уметност годинава се претставува со проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ (Will my eyes be closed or open?) на уметникот Велимир Жерновски, во кураторска поставка на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес.

Националниот павилјон за отворен го прогласи Марија С. Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам, која истакна дека  учеството на ова биенале е „јасна и достоинствена потврда дека македонската култура има што да каже на јазикот на современата уметност“.

-Во време на глобални предизвици, уметноста не вика, таа гласно шепоти, но токму затоа се слуша подлабоко. Таа нè учи на емпатија, нè повикува на размислување и нè охрабрува на тивок, но суштински отпор. Во таков контекст, особено сме горди што Република Македонија се претставува со делото „Пиета во прекривките на ургентноста/Will my eyes be closed or open?“ од Велимир Жерновски, во кураторска поставка на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес. Ова дело, избрано низ транспарентна и стручна постапка, претставува силен и слоевит уметнички израз. Неговата визуелна едноставност носи длабока идејна тежина. Дијалогот со класичниот мотив на Пиета е трансформиран во современ јазик, во кој се преплетуваат историското наследство и актуелните состојби на светот, истакна Ѓоргова. 

На отворањето на павилјонот, кој е сместен во историски сакрален простор во Венеција, таа посочи дека симболиката на „златните“ заштитни фолии во делото на Жерновски не е случајна и дека е „истовремено и заштита и аларм“. 

-Таа е убавина што боли. Таа е потсетник дека живееме во време на кризи, но и во време кога човечноста мора повторно да биде осмислена. Особено значајно е што македонскиот павилјон е поставен во „Ex Capella Buon Pastore“ – простор со длабока духовна и историска меморија. Токму таму, во таа тишина што зборува, делото на Жерновски добива дополнителна димензија – станува мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу интимното и универзалното. Големиот Пабло Пикасо во една пригода ќе забележи: „Уметноста ја мие од душата прашината на секојдневието.“ Нека овој павилјон биде токму тоа – прочистување, будење и потсетник дека и во најтивките тоналитети, уметноста има сила да нè обедини, да нè воздигне и да нè направи подобри, рече државната секретарка во Министерството за култура и туризам, кое го поддржа учеството на нашата држава на светската изложба во Венеција.

Шеесет и првото Венециско биенале ќе се одржува до ноември. Куратор е Којо Куо, а темата е „In Minor Keys“ („Во молски тоналитет“) – концепт кој ги истражува суптилните, интимните и често маргинализирани наративи во современото општество. 

Темата ја поставува уметноста како простор за емпатија, рефлексија и тивок отпор, отворајќи прашања за ранливоста, меморијата и човечкото искуство во услови на глобални предизвици.

На годинашното Биенале учествуваат над сто уметници и се претставени повеќе од 80 национални павилјони од целиот свет, кои преку разновидни медиуми и пристапи ги адресираат клучните теми на денешницата – од миграции и климатски промени до политички конфликти и идентитетски прашања.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3