Регион
Старовиќ негира замрзнување на средствата за Србија од Планот за раст на Западен Балкан
Министерот за европски интеграции на Србија, Немања Старовиќ, на денешната седница на ресорниот парламентарен одбор изјави дека наводите за замрзнување на средствата за Србија од Планот за раст за Западен Балкан се „целосно лажна вест пласирана на сензационалистички начин“.
Старовиќ, исто така, рече дека портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламберт, на прес-конференцијата изјавил дека средствата не се замрзнати, ниту дека се работи за нешто слично.
Тој додаде дека постои континуиран процес на проценка за исплата.
Според него, со претфинансирање од Планот за раст и првата транша, Србија добила 168 милиони евра, што е повеќе од кој било друг корисник на тој фонд.
Барањето за исплата на втората транша во моментов се разгледува.
„Нема 1,5 милијарди евра што чекаат на некоја сметка. Планот за раст се спроведува во согласност со Агендата за реформи“, рече Старовиќ.
На состанокот на Одборот за европска интеграција се дискутира за спроведувањето на Планот за исполнување на најважните обврски од преговорите за пристапување на Србија во ЕУ до крајот на 2026 година, за четвртиот квартал од 2025 година.
мај 8, 2026

