Connect with us

Регион

Србија ја испраќа до Венециската комисија првата верзија на измените на пакетот судски закони

Министерот за правда на Србија, Ненад Вуиќ, синоќа соопшти дека првата верзија од измените на пакетот судски закони ќе биде испратена денеска до известителите на Венециската комисија по што одредени делови ќе им бидат објаснети за време на онлајн-состанок.

На втората јавна расправа одржана вчера, за можни решенија за измена на пакетот судски закони во согласност со Уставот, законите и препораките на експертите на Венецијанската комисија, претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека е многу важно сите осум или девет препораки на експертите да бидат исполнети пред да се испрати Предлог-законот до таа комисија на мислење.

Бројни судии и јавни обвинители од судовите и јавните обвинителства од цела Србија, како и претставници на адвокатурата, учествуваа во дискусијата за време на дводневната јавна расправа, соопшти Министерството за правда на Србија.

Законските измени што се предмет на усогласување и дискусија се однесуваат на Законот за јавно обвинителство, Законот за организација и надлежност на државните органи за борба против високотехнолошкиот криминал, Законот за седиштата и подрачјата на судовите и јавните обвинителства, Законот за судиите и Законот за Високиот совет на обвинителствата.

Српскиот парламент ги усвои по предлог на претставникот на владејачката Српска напредна партија, Угљеша Мрдиќ, и поради тоа колоквијално се нарекуваат Мрдиќеви закони.

Опозицијата и дел од професионалната јавност и невладините организации се против нив.

Потоа претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, побара мислење од Венецијанската комисија, советодавното тело на Советот на Европа за уставни прашања, за тие закони.

Венецијанската комисија на 24 април објави итно мислење за измените на петте закони и даде седум клучни препораки за отстранување на недостатоците што ги поткопуваат механизмите за заштита на автономијата на јавното обвинителство и независноста на судството.

Итното мислење ќе биде доставено до Венециската комисија за потврда на нејзината пленарна седница на 12 и 13 јуни.

Усвојувањето на Мрдиќевите закони беше критикувано од Европската Унија, која издаде предупредување дека на Србија може да и бидат скратени 1,5 милијарда евра средства од планот за раст. 

Српските власти објавија дека препораките на Венециската комисија би можеле да бидат усвоени пред јуни кога на Србија треба да ѝ се исплатат дел од парите од ЕУ. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 3