Регион
Бугарскиот парламент ја избра владата на премиерот Румен Радев
Бугарското Народно собрание, по бурна расправа, денеска ја избра новата влада предводена од премиерот Румен Радев, предложена од партијата Прогресивна Бугарија.
Пратениците првин го избраа Радев за претседател на Владата. За неговиот избор гласаа 124 пратеници од Прогресивна Бугарија, пратениците од ГЕРБ – СДС беа воздржани, а ДПС, Демократска Бугарија, Продолжуваме со промените и Преродба гласаа против. Вкупно гласаа 230 пратеници.
Во втората точка од дневниот ред пратениците ја усвоија структурата на Министерскиот совет. За неа гласаа 124 пратеници од Прогресивна Бугарија, против беа 70 пратеници од ДПС, Демократска Бугарија, Продолжуваме со промените и Преродба, а 36 пратеници од ГЕРБ – СДС беа воздржани. Потоа беше усвоен и персоналниот состав на владата, со поддршка од 122 пратеници од Прогресивна Бугарија, 70 гласаа против, а 36 беа воздржани.
По гласањето, новите министри положија свечена заклетва.
„Се колнам во името на Република Бугарија дека ќе ги почитувам Уставот и законите на државата и во сите свои дејства ќе се водам од интересите на народот. Се заколнав“, изјавија членовите на новата влада по што беа интонирани химните на Бугарија и на Европската Унија.
Министерскиот совет ќе има 18 министри и четворица вицепремиери. Двајца од нив – Иво Христов и Атанас Пеканов – ќе бидат вицепремиери без ресор. Министерот за финансии Галаб Донев и министерот за економија, инвестиции и индустрија, Александар Пулев, исто така ќе ја извршуваат функцијата вицепремиери.
Во 107. влада на Бугарија ќе има едно министерство помалку во споредба со досегашната владина структура бидејќи Министерството за електронско управување се спојува со Министерството за иновации и раст. Според образложението, реформата има цел оптимизација на работата на владата и намалување на администрацијата со преклопувачки надлежности.
мај 8, 2026

