Свет
Земјите ги следат патниците од крузерот погоден од епидемија на хантавирус
Земји ширум светот се обидуваат да го спречат понатамошното ширење на хантавирусот по појавата на епидемија на крузер, следејќи ги патниците што се симнале од бродот пред вирусот да биде откриен, како и сите лица со кои тие биле во близок контакт.
Досега, во епидемијата на бродот „МВ Хондиус“ починаа три лица – холандска брачна двојка и германски државјанин. Потврдени се вкупно пет случаи на зараза со вирусот, а постојат уште три сомнителни случаи, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Хантавирусот најчесто го пренесуваат глодари, но во ретки случаи може да се пренесе и од човек на човек.
Операторот на бродот соопшти дека биле контактирани сите патници кои се симнале на островот Света Елена во јужниот Атлантски Океан, каде што бродот пристигнал на 24 април. Меѓу нив имало лица од најмалку 12 држави, вклучувајќи седум британски и шест американски државјани. Првиот потврден случај на хантавирус во оваа епидемија бил регистриран на почетокот на мај.
СЗО повтори дека ризикот за пошироката јавност е низок, иако андскиот сој на вирусот, откриен кај неколку жртви, во ретки случаи може да се пренесува меѓу луѓе. – Ова не е коронавирус, туку сосема поинаков вирус – изјави на прес-конференција директорката на СЗО за управување со епидемии и пандемии, Марија Ван Керхове. – Ова не е истата ситуација во која бевме пред шест години – додаде таа.
СЗО соопшти дека работи на детални упатства за моментот кога десетиците патници што останале на бродот, кој плови кон Канарските Острови, ќе пристигнат таму в сабота или недела, по што ќе се симнат и ќе отпатуваат кон своите домови. Во моментов, ниту еден од овие патници нема симптоми.
Американските Центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата и додадоа дека ризикот за американската јавност засега е исклучително низок. Американскиот ЦДЦ ја класифицираше епидемијата како итен одговор од „ниво 3“, објави „Еј-би-си њуз“ (ABC News).
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е информиран за хантавирусот и изрази надеж дека ситуацијата е под контрола. На прашањето дали Американците треба да бидат загрижени поради можноста од ширење на вирусот, Трамп одговори: „Се надевам дека не“.
Министерството за јавно здравје на Џорџија соопшти дека следи двајца жители без симптоми кои се вратиле дома по симнувањето од крузерот, додека Министерството за здравство на Аризона наведе дека следи уште еден жител кој бил на бродот и исто така нема симптоми. Според „Њујорк тајмс“, Калифорнија следи повеќе жители кои биле на бродот. Властите во Тексас соопштија дека двајца жители кои биле патници на крузерот се вратиле во САД пред да биде регистрирана епидемијата.
Француските власти соопштија дека еден француски државјанин бил во контакт со заразено лице, но не покажувал симптоми. Сингапур изолираше и тестира двајца жители кои биле на бродот, соопшти Агенцијата за заразни болести. Во Швајцарија, маж кој патувал со крузерот и бил примен во болница бил позитивен на инфекцијата, соопштија властите. Данските здравствени власти соопштија дека дански државјанин кој бил на бродот „Хондиус“ се вратил дома и му било препорачано да се самоизолира како мерка на претпазливост.
Во Канада, властите соопштија дека двајца канадски државјани од крузерот се вратиле дома пред да биде идентификувана епидемијата, а уште еден Канаѓанец бил на ист лет со лице кое имало симптоми. И тројцата засега немаат симптоми.
мај 8, 2026

