Connect with us

Култура

„Кроација рекордс“ ги претстави во Скопје албумите „Guitar sings“ и „Muscle Memory“ на Влатко Стефановски

Дискографската куќа „Кроација рекордс“ (Croatia Records) од Загреб денеска во Скопје за македонската публика ги промовираше новите албуми на Влатко Стефановски – инструменталниот „Guitar sings“ и новиот студиски албум „Muscle Memory“, а нашиот најпознат гитарист зборуваше како се создадени и што го инспирирало.

За новите изданија зборуваа Маја Видмар Клариќ, извршен директор на „Кроација рекордс“, и Клаудија Чулар, уредник во таа дискографска куќа и, во последните години, уредник на изданијата на Влатко Стефановски, кој неодамна во Хрватска ја доби престижната музичка награда „Порин“ (Porin Special Merit Award).

Со албумот „Guitar sings“ (Гитарата пее) Стефановски се приклучи како дел од поголем проект во Хрватска за композиторот и хитмејкер Ѓорѓе Новковиќ, на кој се работело повеќе месеци и со голем број луѓе. Албумот на Стефановски содржи  инструментални верзии на десет песни на Новковиќ, кои, како што рекоа претставниците од „Кроација рекордс“, ја заокружиле целата приказна на проектот.

По шест години од претходниот студиски албум (Taftalidze Shuffle), „Кроација рекордс“ го објави новиот – „Muscle Memory“ (Мускулна меморија), кој на 14 мај ќе биде објавен и на винил. 

-Овој албум ја покажува потребата на Влатко за создавање и по повеќе од 50 години музичка кариера. Тој е музичар што не мирува, тој го наслушува времето во кое живее, ги наслушува настаните и, на некој начин, има потреба тоа и да го отсвири. На овој албум има девет песни, некои инструментални, некои се стихови  и драго ни е што имаме продолжение на неговата соло кариера, рече уредничката Клаудија Чулар.

Нагласи дека е големо задоволство и чест што Влатко Стефановски токму на нивната дискографка куќа им ги доверил своите музички дела и дека од неговите проекти може да се види колкава е уметничката широчина на Стефановски. 

-Неговата кариера трае повеќе од 50 години и да не одам во далечно минато, ќе спомнам само некои последни изданија кои ги објавивме на винил, како „Taftalidze Shuffle“,  „Mother tongue“ (Мајчин јазик), „Сеир“, како и овие што денеска ги претставуваме – „Guitar sings“ и „Muscle Memory“. Имаме тука и едно издание што го објавивме минатата година – троен винил „London Sessions“.  Кога ќе ги видите овие изданија, објавени во релативно краток период, всушност ќе видите колкава е уметничката широчина на Влатко и колкава е негопвата преданост кон три сосема различни проекти, на кои се чувствува неговиот авториски музички печат и, би рекла, неговата опивачка, речиси хипнотизирачка виртуозност, рече уредничката Чулар. 

Покрај новите изданија од соло кариерата на Стефановски, познатата дискографска куќа од Загреб објави и винилни реизданија на албуми на „Леб и сол“ – „Као какао“ во 2023 и „Путујемо“ во 2026. 

Директорката на „Кроација рекордс“, Маја Видмар Клариќ, истакна дека им е исклучително драго што соработката со Влатко Стефановски ја имаат од неговата рана кариера со „Леб и сол“ па сè до денес. Како што рече, неговата виртуозност ги надминува границите на овој регион, а во Хрватска ја препознале одамна.

-„Кроација рекордс“, поранешен „Југотон“ е најголема дискографска куќа во регионот, и идната година ќе славиме 80 години. Исклучително ни е драго што соработката со Влатко Стефановски ја имаме уште од неговата најрана кариера па сè до денес. Неговата кариера и виртуозноста на гитарата ги надмина не само границите на Македонија и регионот туку е препозната и во цел свет. Во Хрватска тоа го препознавме многу одамна и оваа година му доделивме и посебно признание – музичката награда „Порин“, со оглед на значењето што Стефановски го остави и врз хрватската музика и врз хрватската култура, изјави директорката на „Кроација рекордс“ за  нивниот долгогодишен ексклузивец. 

Влатко Стефановски ѝ се заблагодари на „Кроација рекордс“ за тоа што ја следи неговата кариера и, како што рече, покажува интерес за сето она што го снима. Се присети на првиот договор што го потпишал со оваа дискографска куќа (тогаш „Југотон“) во 1983, за објавување на албумот „Калабалак“ на „Леб и сол“. 

-Во шега знам да кажам дека дури и да им предложам да објавам албум со тишина, мислам дека ќе го прифатат проектот. Тие имаат разбирање за сите мои инструментални фантазмагории, а имаат интерес и за вокалните нумери што ги работам. Како автор имам подвоеност во себе – во исто време свирам нешто што е блиску до фјужн музката и прогресивниот рок, а  од друга страна имам потреба да напишам и некаква балада, која е блиску до рок и поп изразот. Таа моја подвоеност никогаш не успеав да ја помирам, што е веројатно добро. Затоа што јас сум гитарист што пишува песни, текстови, пишува поезија, на некој начин, а од друга страна сум поет кој, како што вие ќе кажете, виртузоно свири гитара. Тие два мои принципа добро се надополнуваат, изјави Стефановски.

Посочи дека „Muscle Memory“ е 39-то авторско издание, затоа што ги вбројува и првите албуми на „Лаб и сол“ во кои, рече, во голем дел тој е автор. Снимањето на новиот студиски албум траело три-четири години, затоа што со неговото трио имале многу патувања заради концертни ангажмани. 

Им се заблагодари на сите луѓе кои учествувале во создавањето на овој албум – Звијездан Ружиќ, Дамир Имери, Горан Папаз и на неговата ритам-секција на која, рече, е особено горд – басистот Иван Кукуќ и тапанарот и негов син Јан Стефанивски, кои се дел од Влатко Стефановски трио и настапуваат заедно шест години. Им се заблагодари на други соработници и на сите пријатели со кои, рече, се дружи и го охрабруваат, како и на сите знајни и незнајни обожаватели. 

На промоцијата на новите албуми пред скопската јавност, Влатко Стефановски ја засвири „Чукни во дрво“ од албумот „Путујемо“ објавен во 1989 и реиздаден годинава. 

Стефановски во оваа пригода соопшти и дека е задоволен од тоа што го видел на пробите во Македонскиот народен театар за мјузиклот „Као какао“, проект инспириран од неговата музика, кој премиерно ќе биде изведен на 2 јуни. 

-Во МНТ работат 50-ина луѓе на глума и на играње. Пред два дена бев на проба и навистина сум одушевен од енергијата со која глумците и играчите пеат, играат, го совладуваат текстот, кој го напиша Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. Текстот е навистина феноменален, не сакам однапред да зборувам, но мислам дека ќе биде голем хит, рече Стефановски на промоцијата на новите албуми. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1