Регион
Герапетритис подготвува посета на земјите од Западен Балкан
Во рамките на иницијативите на официјална Атина за европската перспектива на Западен Балкан во пресрет на грчкото претседателство со ЕУ, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, ќе ги посети земјите од регионот, а според портпаролката на грчкото МНР, оваа посета ќе биде во следниот период.
Во однос на тоа кога ќе се реализира и дали турнејата ќе ги вклучи сите земји одеднаш или Герапетритис ќе оствари одвоени посети во разни временски периоди, портпаролката на Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите посочи дека станува збор за програмски распоред, а откако ќе се финализира програмата, ќе бидат соопштени детали.
Пред две седмици, со потпишувањето на декларацијата од Делфи на маргините на Економскиот форум во Делфи за ЕУ-перспективата на земјите од регионот, беше означен и почетокот на грчките иницијативи за Западен Балкан во пресрет на претседателството во втората половина на 2027 година, на што се осврна Герапетритис и во понеделникот на средбата со неговиот германски колега и посочи дека „многу е важно за сите инволвирани страни да работат со нова динамика во оваа перспектива“, а на државите од Западен Балкан да им се даде нова визија.
Грчките иницијативи, освен посета на Герапетритис на регионот, вклучуваат и одржување министерска средба во Атина до крајот на годината.
Шефот на грчката дипломатија, како што информира Зохиу на денешниот брифинг, в понеделник ќе учествува на работен појадок во Брисел на министрите за надворешни работи од ЕУ со оние од Западен Балкан, а ден подоцна на состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“.
На прашањето на денешниот редовен брифинг во однос на ЕЕС-системот за регистрација на државјани на трети земји и дали Министерството за надворешни работи е во контакт со одредени држави, објасни дека надлежно за конкретната регулатива е Министерството за заштита на граѓаните и потсети на одговорот што го добивме од портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, минатата седмица.
Маринакис тогаш објасни дека регулативата дава разни алатки и можности на земјите членки за справување со евентуални притисоци на граничните премин, а во овој контекст, „Грција ќе ја оценува состојбата на одделните гранични пунктови и ќе ја преземе соодветната мерка предвидена од горенаведената регулатива со цел, од една страна, да се опслужува зголемениот број на туристи и, од друга, да сме во согласност со предвиденото во регулативата“.
мај 7, 2026

