Connect with us

Свет

Вадефул: ЕУ мора фундаментално да се промени

Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул денеска се заложи за реформи на Европска Унија и побара принципот на консензус во донесувањето одлуки во надворешната политика и безбедносните прашања да се замени со мнозинство и да се усвои системот на постепена интеграција на земјите-кандидатки во Унијата.

Тој во говорот во Фондацијата Конрад Аденауер, истакна дека ЕУ „мора фундаментално да се промени“.

– Најважен лост за тоа е побрзо донесување одлуки со квалификувано мнозинство … Ако ЕУ не го стори тоа, други ќе го направат тоа, а потоа ќе се појават нови формации на држави, истакна Вадефул.

Тој предупреди дека носењето одлуки со консензус за безбедносните прашања претставува „егзистенцијална опасност“.

– Мојот предлог значи следно – државите кои не сакаат да направат нешто, или можеби не можат, првично можат да стојат настрана, но да не ги попречуваат оние кои сакаат да одат понатаму, истакна Вадефул.

Тој предложи проширувањето на ЕУ, кое е во застој со години, да се забрза.

Според Вадефул, приемот на нови членки, при тоа споменувајќи ги земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија, треба да биде дизајниран како „процес во фази“, почнувајќи од чекорите што би му претходеле, па сè до полноправно членство.

Тој додаде дека приемот на Исланд и Норвешка би бил „повеќе од добредојден“.

Вадефул, исто така, предложи договорите за пристапување во ЕУ во иднина да содржат клаузули што би ја поврзале распределбата на средствата од европските фондови со почитувањето на заедничките вредности.

– Кршењата на владеењето на правото треба да бидат казнети со прекин на финансиската помош. Средствата на ЕУ не смеат да одат кај оние што ги кршат нашите заеднички вредности, посочи Вадефул.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2