Свет
Голем шумски пожар во Полска: загина пилот, изгореа над 200 хектари
Повеќе од 200 хектари шума изгореа во голем пожар во заштитениот шумски предел Солска во источна Полска, при што загина пилот на противпожарната служба.
Според локалните медиуми, пилотот загинал откако авионот за гаснење пожар се урнал за време на интервенцијата. Несреќата се случи вчера попладне во близина на селото Козаки во округот Билгорај, додека екипите се обидувале да го стават под контрола пожарот, кој брзо се ширел поради сувото време.
Полскиот министер за внатрешни работи, Марчин Кервински, изјави дека нема индиции оти пожарот е подметнат и дека е во тек истрага за причините за несреќата. Тој посочи дека Полска се соочува со исклучително сушен период, што значително го отежнува гаснењето.
Во интервенцијата се ангажирани повеќе од 400 пожарникари, а на терен се распоредени и хеликоптери, вклучувајќи ги и воените летала „Блек хок“.
Иако властите засега не планираат евакуација, државниот Центар за безбедност издаде итно предупредување до жителите на околните општини да ги затворат прозорците и да избегнуваат престој на отворено поради густиот чад.
Пожарникарските екипи продолжија со работа и во текот на ноќта, а состојбата на теренот останува променлива и зависи од временските услови.
мај 6, 2026

