Свет
Најмалку 470 жени убиени во „убиства од чест“ во Пакистан во 2025 година
Најмалку 470 жени биле убиени во Пакистан во текот на 2025 година од страна на блиски роднини во таканаречени „убиства од чест“, се наведува во новиот извештај кој го опишува проблемот како „ендемски“ во општество со растечко родово засновано насилство.
Оваа бројка е поголема во споредба со регистрираните 405 случаи една година претходно, соопшти Комисијата за човекови права на Пакистан (ХРЦП), укажувајќи на пораст и покрај построгите закони наменети за сузбивање на ваквите злосторства, кои често предизвикуваат национална, а понекогаш и меѓународна осуда.
Повеќе од една третина од жртвите се од централната провинција Пенџаб, земјоделското срце на Пакистан, каде што конзервативните општествени структури често се обликувани од племенски и верски врски. Извештајот на ХРЦП регистрира и 1.332 убиства поврзани со семејно насилство врз жените во текот на минатата година.
– Ова е ендемски проблем во Пакистан, а најзагрижувачки е што трендот е во пораст – изјави Фарзана Бари, една од водечките активистки за правата на жените во земјата.
Во најголем дел од случаите сторителите се татковци, браќа или синови, кои како оправдување го наведуваат зачувувањето на таканаречената семејна чест, изјави адвокатот од Исламабад, Ризван Кан.
Во многу случаи сторителите избегнуваат казна поради контроверзна одредба во исламското право, која им овозможува на семејствата на жртвите да им простат на извршителите, соопшти организацијата „Амнести интернешнл“.
Пакистан во 2016 година усвои закон со цел делумно да ја затвори оваа правна празнина, но според ХРЦП, тој се покажал како недоволен за искоренување на практиката.
„Овие убиства можат да се спречат доколку државата и општеството посветат поголемо внимание на менталитетот што стои зад нив“, изјави Сара Малкани, адвокат за човекови права од Карачи.
мај 6, 2026

