Connect with us

Скопје

Поставен камен-темелник за изградба на трибина при стадионот во н. Илинден

 Со свечено поставување камен-темелник за изградба на нова трибина, Општина Илинден продолжува со унапредување на спортската инфраструктура на фудбалскиот стадион во населба Илинден.

-Проектот се реализира во повеќе етапи, при што во првата фаза, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, беше извршена целосна реконструкција и проширување на теренот. Поставена е нова вештачка трева, изградена е заштитна ограда и имплементиран е современ систем за дренажа, со што се обезбедени услови за одржување натпревари според современите светски стандарди и УЕФА критериуми, имформираат од Општина Илинден. 

Со оваа фаза е предвидена изградба на трибина со капацитет од 1.100 гледачи, како и современи подтрибински административни и технички простории. Проектот опфаќа изградба на соблекувални со санитарни јазли и тушеви, простории за судии и официјални лица, тоалети за посетители, вклучително и за лица со попреченост, магацински и складишен простор и посебен коридор за играчите. Дополнително, хортикултурно ќе се уреди околниот простор, ќе се изгради паркинг со капацитет за над 60 возила, ќе се постави ново осветлување со рефлектори и ќе се обнови комуналната инфраструктура.

На настанот присуствувале градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, министерот за спорт Борко Ристовски, пратеничката Драгана Бојковска, како и претставници на јавните институции, членови на Советот на Општина Илинден и бројни граѓани.

Градоначалникот Георгиевски истакнал дека оваа инвестиција претставува значаен придонес за развојот на спортската инфраструктура и создавањето подобри услови за младите, како и дека Општина Илинден и во иднина ќе продолжи со инвестиции насочени кон создавање современи услови за спорт и подобрување на квалитетот за живот на граѓаните.

Министерот Ристовски ја потенцирал важноста од ваквите проекти и изрази поддршка за понатамошен развој на спортот во општината.

Општина Илинден, велат оттаму, и во иднина ќе продолжи да ги унапредува условите за спорт, при што новата трибина ќе има значајна улога во развојот на спортските активности и зајакнувањето на стадионот како центар на спортскиот живот во општината и регионот.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3