Култура
Љутков на „Денови на македонската култура“ во Брисел
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков престојува во Брисел, каде што вечерва ќе се обрати пред почетокот на концертот на Оркестарот за џез-музика, во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија.
Концертот, како што информираат од Министерството, ќе се одржи во престижната сала „Бозар“ (Bozar), каде публиката ќе има можност да ужива во уникатен музички спој на македонската традиција и современиот џез-израз.
Манифестацијата „Денови на македонската култура“, на која македонската уметност се претставува пред европската публика во најрепрезентативно издание, започна на 2 мај со настапот на Балетот при Националната опера и балет во Антверпен, а вчера програмата продолжи во киносалата „Синема галерис“ (Cinema Galeries) во Брисел со проекција на филмот „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески.
До крајот на годината, манифестацијата ќе биде заокружена со изложба на теракотни икони од Виница во Европскиот парламент.
Манифестацијата „Денови на македонската култура“ претставува исклучителна можност за промоција на богатото културно наследство и современото уметничко творештво на Македонија на меѓународната сцена. Оваа престижна манифестација се реализира и организира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
мај 6, 2026

