Регион
Герапетритис – Вадефул: Поддршка за ЕУ-перспективата на Западен Балкан
Многу е важно за сите инволвирани страни да работиме со нова динамика во оваа перспектива, знаеме дека Германија инвестира во оваа заедничка перспектива и за да им се даде нова визија на државите од Западен Балкан – посочи шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис по средбата со неговиот германски колега Јохан Вадефул во однос на ЕУ-перспектувата на регионот, кој од своја страна нагласи дека Грција може да се потпре на Германија за конкретното прашање, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за надворешни работи на Грција рече дека дискусијата со Вадефул се фокусирала и на прашањата за проширување на Европската Унија, потсети дека Грција уште со Солунската агенда од 2003 година е протагонист во европската перспектива на Западен Балкан, „што е стратешки приоритет на Европската Унија“, а се осврна и на декларацијата од Делфи усвоена пред десетина дена од Грција и земјите од регионот.
– Декларацијата ги кодифицира основните принципи и цели на овој интегративен пат, со осврт на грчкото претседателство со Европскиот совет во втората половина на 2027 година, каде што очекуваме да имаме можност да примиме нова членка во нашата Унија. Многу е важно за сите инволвирани страни да работиме со нова динамика во оваа перспектива. Знаеме дека Германија е земја што го забрзува процесот и инвестира во оваа заедничка перспектива. Треба да им се даде нова визија на државите од Западен Балкан, секако без да се прават отстапки од поставените критериуми, особено во однос на целосното спроведување на владеењето на правото, како и добрососедските односи – рече Герапетритис.
– Грција ќе го преземе претседателството со Советот на Европската Унија в година во критичен момент во однос на проширувањето. Во 2003 година беше поставена Солунската агенда и сакам категорично да кажам дека можете да се потпрете на нас за време на вашето претседателство, штом кандидатурата за членство на земјите од Западен Балкан ќе претставува ваш приоритет – нагласи Вадефул.
Шефовите на двете дипломатии разговараа и за билатералната соработка, за европската одбранбена автономија, како и за сите отворени геополитички прашања, со акцентот на Ормуската Теснина.
Герапетритис изрази поддршка за меѓународните иницијативи за непречена и безбедна пловидба, изрази подготвеност да преземат активна улога во соработка со поморската заедница и нагласи дека е важно да се спречи „актуелната криза да заземе неконтролирани размери за глобалната економија, меѓународниот синџир на исхрана и секојдневниот живот на граѓаните“.
Вадефул рече дека како Европа јасно ставиле до знаење за иницијативата на Велика Британија и Франција дека „по завршувањето на непријателствата, ќе придонесеме за безбедноста во пловидбата во Ормуската Теснина“ додавајќи дека во Источен Медитеран испратиле специјален брод за чистење мини што би можел да придонесе за отстранување на мините во конкретната област.
мај 5, 2026

