Connect with us

Култура

Со бројни настани и манифестации и годинава ЈОУ „Македонија“ е средиштето на културата во Гевгелија

Концерти на класична музика, детски и театарски претстави, настапи на фолклорни друштва, филмски проекции, гостување на писатели, ликовни изложби, музички рецитали, како и книжевни промоции се дел од културните настани кои ги организира Јавната општинска установа – Дом на култура „Македонија“ од Гевгелија. Како институција задолжена за културниот живот на гевгеличани, за Домот на културата и годинава, според општинската Програма за култура, се издвоени 400 000 денари предвидени за реализација на 15 настани.

Во тековниот месец, Домот на културата ја подготвува неколкудневната програма посветена на празникот Христово вознесение, меѓу народот познат како Спасовден, празник кој градот Гевгелија го има за свој заштитник и секоја година го одбележува со богата културна манифестација. 

– ЈОУ Дом на култура „Македонија“ е институција, која е мултиколоритна во своите идеи и визии, со цел да биде на чекор до современоста. Програмата за работа за годинава опфаќа широк дијапазон на активности од кои би ги издвоила проектот насловен „Џаџеви денови“, инспириран од ликот на Илија Џаџев, протоа „Гевгелиска свадба“ и уште неколку други нови проекти кои би биле мали изненадувања за публиката. Во моментот ја подготвуваме програмата по повод Св. Спас – заштитникот на Гевгелија, која ќе биде мало патување низ времето. Станува збор за настани со исклучително силен ракопис, настани кои сјајно ја претставуваат калиграфијата на меморијата, изложби во кои бојата има доминантен печат, каде се присутни и византиското пеење, фолклорот итн. – вели познатата ликовна уметница Мирјана Крстева – Масети, под чие раководство е оваа институција.

Во рамки на редовниот културен репертоар кој го подготвува Домот на културата, директорката Крстева – Масети вели дека во изборот секогаш е вклучена соработката со врвните уметнички институции.

-ЈОУ Дом на култура „Македонија“ соработува со најпрестижните институции од областа на уметноста и културата, меѓу кои се Националната опера и балет, Филхармонија, Националната галерија, огромен број на центри за култура, театри, како и со реномирани автори, така што селекцијата на настани кои ќе ги прикажеме ја правиме според современите текови на уметноста, додава директорката.

За својата улога како прв човек на културниот дом во Гевгелија, Крстева – Масети вели дека ја доживува како нов акт на уметност, во кој всушност го продолжува своето уметничко делување.

– Од аспект на остварен автор, предизвикот – директор на Домот на културата го перцепирам единствено како свој нов акт на уметност. Оваа позиција ја доживувам како дел од континуираната реинкарнација на едно битие. За да се обистини овој волшебен бакнеж помеѓу духовното и стварноста, потребна е  илустративна   слободна игра на асоцијации која и пркоси на дисциплинираната историја на визијата, објаснува Крстева – Масети


Во изминатата 2025 година градот Гевгелија ја понесе титулата „Град на културата“, а седиште на големиот број настани кои се организираа до последниот ден од месецот декември беше токму културниот дом. Токму затоа минатата година Гевгелија доживеа мала културна ренесанса, истакнува директорката на ЈОУ Македонија

-Физиономијата на настаните беше мултиколоритна, застапени беа ликовните уметности, музиката, театарот, книжевноста, сценските уметности… Секој акт на уметност изразуваше трансцедентално патување, емоција, невидлив допир, шепот, тон, ехо, боја, љубов, пат кон вечноста. Затоа сметам дека се тоа бесценети нешта, кои несомнено придонесоа и за афирмација на културниот туризам во нашата општина, вели Крстева – Масети.

До крајот на годината, Домот на културата го очекуваат уште неколку настани меѓу кои Гевгелиското културно лето, изложбата на фотографии од стари градби, изработка на народна носија и едукативна работилница за ткаење, настан кој ги прикажува обичаите во село Серменин, како и одбележување на општинскиот празник „7 Ноември“.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4