Connect with us

Култура

Во КИЦ Софија отворена изложбата „Тишина во време на бучава“ на Исмет Рамиќевиќ – изложба што ја преиспитува меморијата на насилството и можноста за трансформација

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија синоќа беше отворена изложбата на уметникот Исмет Рамиќевиќ, комплексен мултимедијален и концептуален проект, кој се издвојува како значајна современа уметничка рефлексија на глобалната воено-политичка и еколошка реалност. Настанот привлече голем интерес од културната јавност, дипломатски претставници, уметници и публика, која активно ја следи современата уметничка сцена, а отворањето се претвори во значаен културен настан со силна општествена и симболичка тежина.

На отворањето се обрати директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, кој ја нагласи улогата на културата и уметноста како суштински простор за дијалог, разбирање и хуманистичко поврзување меѓу народите. Тој истакна дека во време на зголемени глобални тензии и конфликти, уметничките проекти од ваков карактер имаат особена важност бидејќи отвораат можности за критичко преиспитување на современите општествени процеси. Обраќање имаше и македонската амбасадорка Агнеза Руси-Поповска, која ја потенцира културната дипломатија како мост меѓу државите и народите нагласувајќи дека уметноста има моќ да создава простори на разбирање, емпатија и мир во време на глобални поделби.

Концептот на изложбата се темели на длабока и повеќеслојна уметничка анализа на современата реалност, во која се преплетуваат воени конфликти, човечки страдања, еколошки кризи и експанзија на дезинформации. Наместо директна и документаристичка репрезентација на насилството, авторот избира симболички, поетски и материјално-рефлексивен пристап, преку кој ја преиспитува самата природа на насилството, но и неговата долгорочна присутност во колективната свест.

Централната идеја на проектот е концептот на „замрзнување“, кој авторот го објаснува како метафора на прекин, суспензија и фиксирање на моментот во кој насилството се трансформира од активен чин во меморија. Како што истакнува тој, „сеќавањето владее со нашата реалност – сè додека не замрзне во времето“. Во оваа смисла, замрзнувањето не се однесува само на физичка состојба на материјата, туку и на замрзнување на емоциите, историските трауми и општествената свест. Насилството, иако може да биде запрено во неговата физичка форма, останува длабоко врежано во колективната меморија како траен психолошки и културен слој.

Инсталацијата е поставена како сложена просторна структура во која се комбинираат разни материјали, објекти и визуелни слоеви. Во централниот дел се наоѓаат објекти во кои се вградени фотографии со сцени на бомбардирања, уништени домови, бегалски кампови и човечко страдање. Овие визуелни фрагменти не функционираат како документарна архива, туку како естетски и емоционални траги, кои ја активираат свеста на гледачот. Во нив е вграден и дрвен куршум, поставен во состојба на мирување – запрен пред да биде испукан, кој не се појавува како агресивен симбол, туку како контемплативен објект, сличен на археолошки фосил на насилството.

Овој објект е поставен во садови (леѓени) покриени со кристални структури изработени од рециклирана пластика. Овие структури визуелно асоцираат на мраз, но нивната синтетичка природа создава силен контраст меѓу природното и вештачкото, меѓу органското и индустриското, меѓу естетската привлечност и еколошката закана. На тој начин изложбата отвора дополнителен слој на значење поврзан со еколошката криза и отпадната култура на современото општество.

Во просторот поставени се и повеќе објекти означени со денови од неделата, кои воведуваат временска структура во инсталацијата. Овие ознаки не се само организациски елементи, туку симболички маркери на повторливоста и неизвесноста на насилните процеси. Тие создаваат чувство дека времето во кое се одвива изложбата е истовремено конкретно и неодредено, фиксирано и бесконечно повторливо.

Особено значаен е последниот објект во инсталацијата, во кој водата игра централна улога како медиум на трансформација. Водата, како елемент што симболизира живот, прочистување и промена, во овој контекст станува простор на преод од насилство кон хуманост. Во овој објект се наоѓа и комбинација на стрелата и окарината – два симболи што авторот ги спојува во една единствена форма. Од водата се извлекува овој објект и со него се изведува музички перформанс, при што, според авторот, милитантната симболика се трансформира во звук, поезија и духовна енергија.

Овој перформативен чин, изведен за време на отворањето, има клучно значење за разбирање на целиот концепт. Со претворање на оружената форма во музички инструмент авторот симболички го поништува насилството и го заменува со уметничка и естетска продукција. Овој чин може да се чита како ритуал на трансформација, во кој агресијата се претвора во креативност, а тишината во звук.

Дополнителна концептуална димензија на изложбата претставуваат текстуалните и визуелните интервенции во просторот, каде што се отвораат теми поврзани со животот, раѓањето и човечката егзистенција. Преку поетски записи преведени на повеќе јазици се нагласува универзалноста на човечкото искуство, а визуелните елементи, кои асоцираат на мајчинство и нов живот, воведуваат контрапункт на темите на насилство и уништување.

Во поширока перспектива, изложбата ја отвора сложената слика на современиот свет, во кој паралелно егзистираат брутални војни, климатски екстреми и масовни дезинформации. Овие феномени се прикажани како меѓусебно поврзани процеси, кои ја обликуваат глобалната реалност и ја усложнуваат способноста за јасно разбирање на вистината.

Со оваа изложба Исмет Рамиќевиќ создава длабоко промислена и емотивно интензивна уметничка целина, која ги спојува концептуалната уметност, перформансот, визуелната поезија и еколошката критика. Проектот не нуди конечни одговори, туку отвора простор за размислување, преиспитување и етичка рефлексија.

Во време на глобална бучава оваа изложба се појавува како ретка уметничка интервенција што ја враќа тишината како активен, значаен и длабоко човечки чин на отпор и трансформација.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1