Култура
Четворица „јавачи на импровизацијата“ со џез-концерт во Битола за Меѓународниот ден на џезот
По повод Меѓународниот ден на џезот, Младинскиот културен центар – Битола, официјален младински клуб на УНЕСКО, денеска со почеток во 21 часот во кафе-барот „Порта Џез“организира концерт во живо на квартетот Кондовски/Јовановиќ/Букршлиев/Спировски.
Публиката ќе има можност да ужива во настап исполнет со слободна импровизација и експериментален џез-звук, во кој Глигор Кондовски, Дориан Јовановиќ, Филип Букршлиев и Нинослав Спировски ќе понудат енергично и неконвенционално музичко доживување, без однапред дефинирани партитури и жанровски ограничувања.
Настанот по дванаесетти пат ја вклучува Битола во глобалната мрежа на градови што го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот, афирмирајќи ја уметноста како начин на живот и заедничка вредност на уметниците и граѓаните.
Концертот се реализира во партнерство со „Порта Џез“ и со финансиска поддршка од Општина Битола.
април 30, 2026

