Connect with us

Регион

Анкета: шест од десет Грци сметаат дека на земјата ѝ е потребна политичка промена

Шест од десет анкетирани сметаат дека на Грција ѝ е потребна политичка промена наспроти 39 отсто, кои сакаат политичка стабилност, а 66 проценти оценуваат дека земјата оди во погрешна насока – покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Metron Analysis за грчката телевизија „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.

Сепак, иако сметаат дека е потребна политичка промена, поделено е мислењето на граѓаните во однос на предвремени избори, 51 отсто сметаат дека треба да се распишат порано од предвиденото (во јуни 2027 година), а 46 проценти одговориле дека владата треба да го заврши четиригодишниот мандат.

Речиси половина од анкетираните сметаат дека нивната лична состојба е полоша во споредба со претходно, а поскапувањето на цените и воопшто економијата се главните два проблеми за Грците.

Во однос на геополитичките прашања, 76 отсто од граѓаните нападот на САД врз Иран го карактеризираат како неоправдан, а за односите меѓу ЕУ и САД, 54 отсто сметаат дека ќе продолжат да бидат сојузнички сили наспроти 41 процент, кои оценувааат дека во иднина ќе следуваат одделни патишта.

На политичката сцена, Нова демократија е прва со 21,5 отсто, ПАСОК е втора политичка сила во Грција со 11,3 проценти, а потоа следуваат левичарската Курс на слободата (7,8 отсто) и десничарската Грчко решение (со 7,7 проценти).

На прашањето кој е најсоодветен за премиер, на првото место е „никој од понудените“, со 30 отсто, актуелниот претседател на владата на Грција, Кирјакос Мицотакис, добива 26 проценти, а далеку зад него се поранешниот премиер Алексис Ципрас (со седум отсто) и лидерите на ПАСОК, на Курс на слободата и на Грчко решение со шест проценти.

Истражувањето на јавното мислење на Metron Analysis за „Мега“ било спроведено од 21 до 27 април, со анкетирани 1.300 лица со право на глас.