Connect with us

Регион

Плеврис: Соработката со Бугарија и Турција донесе намалување за 65 отсто на мигрантските бранови кон грчките острови

Со колегите од министерствата имавме можност да ја оцениме нашата тесна соработка и да размениме мислења. Оваа соработка има опипливи и мерливи резултати, бидејќи мигрантските бранови кон грчките острови се намалија за 65 отсто, наш приоритет останува справувањето со мрежите на криумчари и борбата против нелегалната имиграција, информираше преку Икс министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис за трилатералниот состанок меѓу Грција, Турција и Бугарија, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерскиот состанок се одржа во Атина на иницијатива на Плеврис, учествуваа министрите за внатрешни работи на Бугарија и Турција, Емил Дечев и Мустафа Чифтчи, а главната тема била справувањето со мигрантските бранови.

За време на состанокот, како што соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, позитивно била оценета трилатералната соработка, при што министрите изразиле задоволство од постигнатиот напредок, биле разменети мислења за зајакнување и продлабочување на соработката во заедничката борба против криумчарите, а ја изразиле и својата решителност за ефикасна борба против организираниот криминал.

– Бугарија, Турција и Грција ја потврдија својата посветеност за одржување отворен и конструктивен дијалог за борбата против нелегалната миграција и сродните мрежи за криумчарење мигранти, соопштија од надлежното грчко Министерство.

Министерот за внатрешни работи на Бугарија го нагласил стратешкиот карактер на трилатералната министерска рамка, посочил дека состанокот во Атина ја зајакнува меѓусебната доверба и на политичко и на професионално ниво и придонесува кон заедничката цел за обезбедување зголемена безбедност и стабилност на регионот и Европа како целина.

Дополнително, нагласил дека Бугарија, Грција и Турција ќе продолжат да градат врз постигнатиот напредок досега, особено во области како што се безбедноста на границите, борбата против нелегалната миграција, борбата против мрежите за криумчарење на мигранти и спроведувањето на ефикасни враќања.

Министерот за внатрешни работи на Турција ги истакнал позитивните резултати постигнати благодарение на ефикасната борба против нелегалната миграција од страна на турските власти, рекол дека Турција во голема мера веќе не е дестинација и транзит земја за нелегалната миграција.

Посочил дека криумчарењето е клучен извор на приход за терористичките организации и мрежите на организиран криминал и затоа борбата против нелегалната миграција треба да се третира паралелно и на комплементарен начин со борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Грчкиот министер од своја страна ја истакнал строгата политика за борба против нелегалната миграција што Грција ја следи во однос на управувањето со миграциските бранови и на копнените и на морските граници.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4