Connect with us

Култура

Доделени наградите за ФИЛМАЈ 2026

Фото-кино клуб „Козјак“ Куманово денеска  ги соопшти добитниците на наградите за осмото издание на Фестивалот на краток филм ФИЛМАЈ 2026, што ќе се одржи  на 27 и 28 мај во Занаетчискиот дом во Куманово. Одлуките ги донесе жири-комисијата составена од сценаристката и режисерка Елеонора Венинова, актерката Ангела Стојановска и режисерот Георге Тодриа.

За најдобар македонски филм е прогласен „Остров“, по сценарио и режија на Бранко Костески. Наградата „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија му припадна на Балинт Кенјерес за филмот „Претстава“, додека наградата „Радислав Ристевски“ за најдобра кинематографија ја доби Џанлука Палма за „Непријател“. Наградата „Козјак“ за најдобро сценарио ја освои Диан Вејс за „Мршојадци“, а признанието за најдобар краток филм на фестивалот ФИЛМАЈ му беше доделено на „Нилски коњи“, во режија и по сценарио на Џ.Џ. Лин.

Организаторите истакнуваат дека сите наградени филмови се авторски остварувања, односно режијата и сценариото се дело на една иста личност, што, според нив, претставува значаен квалитет и автентичност во селекцијата.

Во официјалната селекција се вклучени и три македонски филма: „Избор“ на Марко Црногорски, „Зајак“ на Ханис Багашов и „Мала шега“ во режија на Трифун Ситниковски. Покрај нив, дел од програмата се и „Добродојдовте дома“, „Норхајмсунд“, „Пес и волк“, „Агапито“, „Али“, „Којоти“, „Чоколатце“ и „Висок напон“.

 Во текот на двете фестивалски вечери ќе бидат прикажани вкупно 16 кратки филмови, а влезот за посетителите ќе биде бесплатен.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3