Култура
Струшки вечери на поезијата ќе се одржат од 24 до 29 јуни, најавени учесници од сите континенти
Годинава, 65. издание на Струшките вечери на поезијата ќе се одржи од 24 до 29 јуни, а најавени се учесници од сите континенти.
Никола Кукунеш, в.д. директор на Струшките вечери на поезијата, на денешната прес-конференција се осврна на тоа зошто е избран токму овој термин за годинешното издание на фестивалот.
– Целта на фестивалот е да се врати публиката на настаните што се организираат на отворено. И тоа е на некој начин и мисијата во основа на овој фестивал, да биде во непосреден допир со публиката. Се надеваме дека овој термин ќе ни овозможи поголема видливост, ќе ни овозможи поголема публика. Освен тоа, во прашање е и економскиот аспект бидејќи периодот е пред сезона, а тоа се заштеди што многу ни помагаат нам, како организатори, да ги премостиме овие проблеми на што секојдневно наидуваме и се соочуваме. Понатаму, во поглед на професионалните гости што го посетуваат фестивалот, ова е период кога тие се послободни, кога нивните академски обврски овозможуваат да бидат присутни за време на фестивалот во Струга – истакна Кукунеш.
Уметничкиот директор на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски, информира дека ќе учествуваат поети од странство, од земјата, дополнително на тоа, професионални посетители, критичари, теоретичари, промотори, поранешни директори на светски фестивали, како и сегашни, актуелни.
Меѓу учесниците на годинешната поетска манифестација, Стефоски ги наведе Луис Гарсија Монтеро – шпански поет и директор на Институтот „Сервантес“, Михаел Кригер – еден од најзначајните современи германски поети, како и минатогодишниот актуелен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ – Јулијана Величковска.
– Во рамките на Струшките вечери на поезијата ќе биде и добитникот на „Мостови на Струга“, Даниел Хајндс од Велика Британија – додаде Стефоски.
Тој сподели и дека 65-те години и минатогодишниот јубилеј 60 години од наградата „Златен венец“ ќе бидат одбележани со книга за поезијата – со избор интервјуа со поранешни добитници на „Златен венец“, што ќе биде објавена и на македонски и на англиски јазик.
април 29, 2026

