Connect with us

Регион

Вучиќ по средбата со Пармелан во Белград: Швајцарија е држава од која доаѓаат најмногу инвеститори, можеме да очекуваме и нови

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска оствари средба во Белград со претседателот на Швајцарија, Ги Пармелан, на која се разговарало за важни политички и економски прашања и стратешки планови. На средбата Пармелан предложил дијалог во кој би учествувала неговата држава со различни групи од Србија, по прашањето на човековите права.

„Реков дека секогаш сме подготвени да ги слушнеме луѓето кои, на професионален и непристрасен начин, сакаат да разговараат за тоа како да се подобри и како да се направи животот подобар за сите што се различни, од политички до национални малцинства. Ние сме многу отворени за секаков вид соработка по ова прашање“, рече Вучиќ на прес-конференција по средбата.

Тој оцени дека и Србија и Швајцарија ќе имаат огромна корист од договорот за швајцарско-српска програма за иновации што двете страни го потпишаа денеска.

„Бескрајно сме благодарни на Швајцарија, тие во оваа пригода издвојуваат 93 милиони евра, преку разни видови соработка, од поддршка на демократските институции до сите програми за кои веќе зборував. Иднината на нашата соработка може да биде во ИТ секторот, вештачката интелигенција, иновациите, но и транспортот, фармацевтската индустрија, воената индустрија“, рече тој.

Вучиќ додаде дека во изминатите години, трговската размена се зголемила за четири пати, а размената на услуги за речиси 10 пати.

„Важно е да се истакне дека Швајцарија е еден од најголемите инвеститори во нашата земја на ниво од околу три милијарди евра, и верувам дека можеме да очекуваме и нови швајцарски инвестиции“.

За време на посетата на швајцарската делегација ќе биде покрената нова програма за соработка со Србија за периодот до 2029 година. Програмата е фокусирана на демократско управување, економски развој и вработување, како и климатски промени и одржлив урбан развој, со посебен акцент на иновациите.

Швајцарскиот претседател на прес конференцијата понуди да посредува меѓу Србија и Косово.

„Веќе имаме дијалог што го водиме со Србија и со Косово, имате право…Швајцарија има големо искуство во медијацијата, па затоа секогаш сме подготвени да го ставиме нашето искуство на располагање кога има тешкотии или конфликти во некои земји и да се обидеме се да донесеме на една маса, па затоа ви стоиме на располагање, ако тоа е ваша желба. Нашите дипломати ја имаат потребната експертиза“, рече претседателот на Швајцарија.

Пармелан, кој е во официјална дводневна посета на Белград, утрово беше свечено пречекан пред Палатата на Србија со воени почести. По средбата на двајцата претседатели, се состанаа делегациите на двете земји. Тоа е прва посета на швајцарскиот претседател на Србија по 18 години.

Пармелан ќе се сретне и со премиерот Ѓуро Мацут, ќе го посети Научно-технолошкиот парк и ќе се сретне со бизнис лидери.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4