Connect with us

Скопје

Со храна, игри и заедничко дружење одбележан Денот на кралот на Холандија во Градскиот парк во Скопје

Со активности за деца, храна, игри и еколошки содржини, денеска во Градскиот парк во Скопје, во организација на Амбасадата на Кралството Холандија и Здружението „Go Green“ беше одбележан Денот на кралот на Кралството Холандија, по повод неговиот 59-ти роденден. 

Амбасадорката на Кралството Холандија во Скопје, Озлем Џанел, истакна дека настанот е организиран со цел празникот да се одбележи заеднички со граѓаните во Скопје, со поддршка од Град Скопје, спонзори и компании што донирале холандски растенија за паркот.

– Денеска е роденден на нашиот крал, неговиот 59-ти роденден. Целото кралско семејство го поминува на север во Холандија, затоа одлучивме да организираме активности и овде во Скопје, за заедно да го прославиме овој посебен ден. Имаме разни активности за деца, а бидејќи е таков празник, сите носиме портокалова боја. Преку храна, игри и заедничко дружење, ние ја славиме нашата култура, историја и идентитет – рече Џанел.

Претставникот на „Go Green“, Дарко Петровски, ја истакна важноста на настанот, посочувајќи на неговата еколошка и културна димензија. Организацијата, рече, трета година по ред го реализира настанот во соработка со Холандската амбасада, а годинава првпат во Градскиот парк.

– Ние како организација сме задолжени за денешниот настан, кој три години по ред, заедно со Холандската амбасада, го организира Денот на кралот во Скопје. Оваа година за првпат го одржуваме во Градскиот парк и благодарни сме му на Град Скопје што ни ја овозможи оваа локација. Градскиот парк е срцето на Скопје, каде што се случуваат најубавите работи … Му се заблагодарувам на средното уметничко училиште затоа што неговите ученици ја направија скулптурата од кломпи што е зад нас, како симбол на пријателството меѓу Македонија и Холандија. Многу од работите што ги правиме денес се исти како оние во Холандија, во чест на кралот. Имаме еколошка разменотека каде што се разменуваат производи, налик на традиционалниот холандски отворен пазар. Подготвивме и награди за оние што ќе играат во холандскиот лавиринт – рече Петровски.

Во однос на еколошките практики, Петровски истакна дека целта е да се намали отпадот, така што посетителите кои ќе донесат своја чаша или амбалажа добиваат бесплатен пијалок во „Вело кафе”, целта е, вели, да го намалиме отпадот во паркот.

-Како што Градот е одговорен за одржување на паркот, така и ние сме одговорни за нашиот личен отпад. Многу е важно сите ние како граѓани да внимаваме што оставаме зад нас во околината – рече Петровски.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3