Живот
Чернобил – 40 години потоа: Катастрофата што го потресе светот
На денешен ден, пред точно 40 години, светот се соочи со една од најголемите нуклеарни катастрофи во историјата – експлозијата на четвртиот реактор во Чернобилската нуклеарна централа, во близина на Припјат, тогаш дел од Советски Сојуз, денешна Украина.
Катастрофата се случи во раните утрински часови на 26 април 1986 година, во 1:23 часот, за време на безбедносна проверка, поради комбинација од недостатоци во конструкцијата и човечки грешки температурата во реакторот се искачи на десетици илјади степени за неколку секунди, што предизвика две силни експлозии. Беше разнесен заштитниот штит од 2.000 тони на покривот на реакторот, ослободувајќи радиоактивни честички во атмосферата.

Следуваше пожар на графитниот модератор, кој со денови исфрлаше огромни количини радиоактивен материјал. Реакторот остана отворен речиси една година, претворајќи ја несреќата во глобална закана.
Особено тешко беа погодени Украина и соседните Русија и Белорусија.
Повеќе од 30 работници и пожарникари и подлегнаа на акутна радијациона болест веднаш по несреќата. Неколку децении подоцна, илјадници други починаа од болести поврзани со радијација. Точниот број смртни случаи од долгорочните последици од изложеноста на радијација е непознат и сè уште е предмет на интензивна дебата.

Конфузија, молчење и задоцнета реакција
Во првите часови по експлозијата, советските власти реагираа бавно и некоординирано. Локалното население во Припјат не беше веднаш информирано за опасноста. Евакуацијата на градот, кој се наоѓа на само три километри од централата, започна дури 36 часа подоцна, со уверување дека станува збор за привремена мерка – ветување што никогаш не се оствари.
Во меѓувреме, официјалните информации беа ограничени и нејасни. Обидите за прикривање на размерите на катастрофата траеја сè додека радиоактивниот облак не ги премина границите на Советскиот Сојуз.
Притисокот од странство, но и научните податоци, го принудија советското раководство да ја признае сериозноста на ситуацијата. Сепак, дури и тогаш, информациите беа контролирани и дозирани.
Дури кога се дозна за несреќата, Советите преместија 116.000 луѓе од зоната долга 30 километри околу нуклеарната централа. Во наредните години истата судбина ќе ги снајде уште 230.000 жители.
За сместување на евакуираните жители, изграден е нов град Славутич.

Светот дозна од Шведска
Првиот сигнал дека се случило нешто сериозно не дојде од Москва, туку од Шведска. Во нуклеарната централа Форсмарк, на 28 април 1986 година беа регистрирани зголемени нивоа на радијација кај работниците. По исклучување на локален извор, стана јасно дека загадувањето доаѓа однадвор – што го алармираше светот.
Советските научници се соочија со невидена ситуација. Зрачењето во јадрото на реакторот беше толку високо што мерењата беа тешки или невозможни.

Хероите „ликвидатори“
Пожарникарите кои први пристигнаа на местото на настанот не беа свесни дека се борат со невидлив непријател – смртоносно зрачење. Во деновите и месеците по несреќата, кколу 600.000 луѓе, кои подоцна ќе бидат наречени „ликвидатори“, главно војници, полицајци, пожарникари и владини службеници, беа испратени по наредба на Москва да помогнат во гаснењето на пожарот, поставувањето на првиот бетонски саркофаг над уништениот реактор и рехабилитацијата на локацијата. Тие работеа во екстремно опасни услови, често без соодветна заштита.
Многумина го платија тоа со своето здравје, а дел и со животот.
По несреќата на четвртиот, преостанатите три реактори во Чернобил продолжија да работат. Последниот беше затворен во 2000 година под притисок на Западот.

Саркофагот на нуклеарната централа во Чернобил, завршен во декември 1986 година, го намали ширењето на радиоактивната контаминација и обезбеди радиолошка заштита за екипите на неоштетените реактори. Во периодот 2016-2018 година, околу стариот саркофаг беше изградена нова безбедносна заштита во Чернобил за да се овозможи отстранување на остатоците од реакторот, а чистењето треба да заврши до 2065 година.
На изненадување на многумина кои очекуваа областа да биде мртва зона, таму се уште има див свет како мечки, бизони, волци, диви коњи и десетици видови птици. Според научниците, животните биле многу поотпорни на зрачење отколку што се очекувало и можеле брзо да се прилагодат на силното зрачење.

Европа под радиоактивен облак
Како што се ширеше контаминацијата, зголемени нивоа на радијација беа регистрирани низ Европа – од Скандинавија до Балканот. Многу земји воведоа привремени мерки, особено за контрола на храната, како млекото и свежите земјоделски производи..
И во поранешна Југославија во чиј состав беше Македонија, беше почувствуван ефектот од несреќата. Радиоактивниот облак, пренесен преку дождовите, предизвика загриженост кај населението. Институциите започнаа засилени мерења и препорачаа ограничување на одредени видови храна, особено за децата и бремените жени.
На граѓаните им беше советувано да избегнуваат консумирање свежо млеко и лиснат зеленчук, како и да ја зголемат хигиената на храната.
Иако измерените вредности во повеќето случаи беа под нивото што би барало итни здравствени мерки, психолошкиот ефект беше силен. Стравот од невидливото, од она што не може да се почувствува или види, стана дел од секојдневниот живот.

Чернобил денес – помеѓу минатото и новите ризици
Четири децении подоцна, Чернобил останува симбол на опасностите од нуклеарната енергија, но и на последиците од прикривањето на вистината.
За време на руско-украинската војна, зоната околу централата повторно се најде во фокусот на светската јавност, кога во 2022 година беше ставена под контрола на руски сили. Иако не дојде до нова нуклеарна несреќа, ситуацијата ја нагласи кревкоста на безбедносните системи во услови на конфликт.
Денес, напуштениот Припјат стои како замрзнат сведок на трагедијата – со празни згради, запустени училишта и напуштени детски играчки.
Реакторите во Чернобил треба да бидат целосно демонтирани до 2064 година.
Со десетици директни жртви и илјадници здравствени компликации што произлегоа од катастрофата, Чернобил е една од двете нуклеарни несреќи оценети со максимална сериозност на Меѓународната скала за нуклеарни настани. Другата е нуклеарната несреќа е во централата Фукушима во Јапонија во 2011 година.
Чернобил останува најтешката нуклеарна хаварија и најскапата катастрофа во историјата, со проценети трошоци од 700 милијарди американски долари.

По повод 40-годишнината од Чернобил, ОН повикаа на мирна употреба на нуклеарната технологија. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја опиша како најголема нуклеарна несреќа во историјата.
– Чернобил не беше само национална трагедија, туку и лекција дека последиците од нуклеарните несреќи ги споделува меѓународната заедница, истакна Гутереш.
Четири децении подоцна, од Светската организација порачуваат дека треба да се почитува меморијата со одговорност, нуклеарната технологија да се користи строго за мирни цели, поддржана од силни меѓународни заштитни мерки, почитување на меѓународното право и соработка преку Меѓународната агенција за атомска енергија, за да се осигури дека катастрофи како Чернобил повеќе никогаш нема да се случат.
април 26, 2026

