Connect with us

Скопје

Општина Илинден во фокусот на регионалниот економски развој со „Експо Илинден 2026“

Регионалниот саем за економски развој „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2026“ со голем успех се реализира во општина Илинден и денес го заокружува тридневното издание, оставајќи силен впечаток како еден од најзначајните економски настани во регионот, пишува во денешното соопштение на локалната самоуправа, што МИА го пренесува интегрално.

Спортската сала „Гоце Делчев“ беше центар на интензивни деловни активности, каде над 70 компании од различни стопански сектори: индустријата, градежништвото, земјоделството, туризмот, угостителството и новите технологии, ги претставија своите производи, услуги и иновативни решенија. Големиот интерес и масовната посетеност уште еднаш ја потврдуваат важноста на саемот како значајно место за економско поврзување и развој.

Саемот привлече голем број граѓани, а беше посетен и од градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, заменик-министерот за економија и труд Маријан Ристески, пратеничката Драгана Бојковска, директори на јавните установи во општината, советници, ученици, како и бројни претставници од бизнис заедницата, што придонесе за динамична и продуктивна атмосфера.

„ЕКСПО ИЛИНДЕН прераснува во препознатлив настан што ги обединува институциите, бизнис секторот и граѓаните. Овој настан е потврда дека нашите заложби за создавање поволна деловна средина даваат конкретни резултати и дека Илинден сè повеќе се позиционира како економски центар.“, истакна градоначалникот Георгиевски.

Со одржувањето на „ЕКСПО ИЛИНДЕН“, Општина Илинден дополнително го потврдува својот капацитет да биде двигател на локалниот и регионалниот економски развој. Преку ваквите иницијативи се создаваат нови можности за деловно поврзување, размена на искуства и поттикнување на инвестиции, со што Oпштината гради современа, конкурентна и одржлива деловна средина во интерес на граѓаните и стопанството.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4