Connect with us

Регион

Претседателката на Словенија не предложи кандидат за формирање влада по првиот круг разговори

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар денеска го информираше претседателот на Парламентот Зоран Стевановиќ дека по првата рунда разговори со претставниците на парламентарните групи, таа нема да предложи кандидат за формирање влада.

Во изјава за медиумите, претседателката нагласи дека нема мнозинска поддршка од пратениците на Народното собрание за ниту еден кандидат и дека не сака да предложи кандидат за водење на малцинска влада.

Пирц Мусар додаде дека за време на разговорите со парламентарните групи немало меѓусебно почитување и доверба, туку многу нечесност, што таа го смета за лош знак за соработка со евентуалната нова влада.

– Можам да разберам дека преговорите не се водат пред медиумите, но ако политичките актери сакаат да ја добијат мојата доверба, дека по консултациите со нив треба да предложам кандидат за премиер, тогаш очекувам да зборуваме отворено и искрено, рече Пирц Мусар, пренесува Словенечката новинска агенција (СТА).

Претседателката вели дека ова не е нејзино лично барање, туку фундаментален стандард на политичка одговорност и кредибилитет.

Првата рунда разговори за мандатар за составување на идниот владин кабинет започна во понеделник, кога Роберт Голоб, претседател на Движењето за слобода, кој е релативен победник на парламентарните избори одржани на 22 март, рече дека во сегашните околности не сака да ја преземе одговорноста за формирање на владата.

Претходно, на 10 април, претседателот на партијата Ресница (Вистина) Зоран Стевановиќ беше избран за претседател на Народното собрание, што аналитичарите во Словенија го сметаа за прв чекор кон формирање четврта влада од страна на Јанез Јанша, претседател на десничарската Словенечка демократска партија (СДС), која на изборите освои еден мандат помалку од Движењето за слобода (29-28).

СДС го достави до парламентот Законот за влада, со кој се предлага бројот на министерства да намали на 14, а по неговото усвојување најавуваат дека ќе испратат нацрт-договор за коалиција до сите партии што го поддржуваат нивниот предлог.

СДС претходно се изјасни дека нема да формираат влада по секоја цена и дека сè уште ги разгледуваат сите опции.

Во вториот круг, мандатарот, покрај претседателот, може да го предложат и парламентарни групи или најмалку 10 пратеници, а тие имаат 14 дена за тоа.

Доколку иден премиер не се најде и во вториот круг, Народното собрание има право да побара трет круг, со истите предлагачи, но со помал кворум за избор – наместо апсолутно мнозинство, доволно е просто мнозинство.

Во случај на избор на мандатар започнува период од 15 дена, во кој тој мора да го предложи составот на идната влада.

Доколку никој не биде избран во третиот круг, претседателот го распушта Народното собрание и распишува нови, предвремени избори.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1