Connect with us

Регион

Ковеши: Важно е да се расчисти што се случувало во скандалот со европските земјоделски субвенции во Грција

Важно е да се расчисти што се случувало во скандалот со европските земјоделски субвенции во Грција, порача европската обвинителка Лаура Ковеши на прес-конференцијата на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, посочувајќи дека ако станува збор за криминал, треба да се истражи, јави дописничката на МИА.

За скандалот со агенцијата ОПЕКЕПЕ надлежна за европските земјоделски субвенции, рече дека во сите земји-членки има вакви случаи да се користат лажни документи за да се добијат средства од ЕУ, но и откри дека во рамките на истрагата, се користеле и легални прислушувања.

Објасни дека Европското обвинителство (ЕППО) не го истражува скандалот со прислушувањата и нелегалниот софтвер „Предатор“, посочувајќи дека во конкретниот случај со ОПЕКЕПЕ станува збор за легална процедура на следење.

Ковеши на прес-конференцијата со акредитираните новинари на Економскиот форум во Делфи, говореше и за начинот на кој функционира Европското обвинителство, објаснувајќи дека е институција која не може да прима донации од граѓани, компании или невладини организации, но и дека е најсилната алатка за спречување на измами на товар на европски средства, а секако важна улога игра и соработката меѓу земјите-членки.

Таа откри дека имаат добиено над 6.000 поплаки и пријави од граѓани од целата Европска Унија, коментирајќи дека некои, Европското обвинителство го гледаат како нивно последно решение, што според неа е позитивно и ја изразува довербата на граѓаните во институцијата, но дека сепак, не можат да ги решат сите проблеми. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 2