Свет
Кремљ: Путин не прави заговори со Си и Ким против САД

Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин не правел заговори со кинескиот лидер Си Џинпинг и севернокорејскиот претседател Ким Џонг-ун против САД, додавајќи дека коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп во тој контекст можеби биле иронични.
Синоќа Трамп напиша на својата социјална мрежа „Truth Social“ дека е „многу разочаран“ од Путин и дека Си, Путин и Ким наводно прават заговор против САД.
- Би сакал да истакнам дека никој не правел заговори, никој не кроел планови и нема никакви конспирации, изјави советникот на Кремљ за надворешна политика Јуриј Ушаков за руската државна телевизија.
Си Џинпинг, пак, предупреди дека светот се соочува со избор меѓу мир и војна. Тој го кажа ова денеска во присуство на Путин и Ким на почетокот на најголемата воена парада во историјата на Кина – без преседан демонстрација на воена моќ.
септември 4, 2025