Скопје
Кисела Вода го одбележува Светскиот ден на книгата со вредна донација од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“
По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска денеска присуствуваше на свеченост во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
Во рамки на настанот, директорот на НУБ, Јовица Никчевски, на Општината ѝ врачи значајна донација од 25 правописи по македонски јазик и 250 книги од различни автори, наменети за збогатување на фондот на училишните библиотеки во Кисела Вода.

Настанот беше одбележан со музичко-литературни изведби на учениците од општинското основно училиште „Круме Кепески“. За нив, институцијата овозможи специјална едукативна обиколка низ библиотеката, запознавање со нејзиното функционирање и историски развој, како и директно учество во работилница посветена на заштитата и промоцијата на старите ракописи.

-Одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право токму во најзначајната национална установа од областа на библиотечната дејност, претставува особена чест за Општина Кисела Вода. Оваа вредна донација од правописи и бројни наслови е исклучително значаен придонес за збогатување на книжниот фонд во нашите основни училишта. Овие книги директно ќе им послужат на учениците и наставниците во унапредувањето на наставниот процес, проширувањето на знаењата и пред сè, во правилното негување на македонскиот јазик. Посебно сум горда што нашите ученици денеска имаа можност преку едукативна обиколка практично да се запознаат со историскиот развој на библиотеката и сложениот процес на заштита на старите ракописи. Ваквите искуства се од непроценливо значење за градењето на нивната свест за важноста на културно-историското наследство – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Општина Кисела Вода, како што посочи Стаменкоска Трајкоска, останува цврсто посветена на развојот на образованието, а оваа успешна соработка со Националната и универзитетска библиотека е вистински доказ дека преку заеднички заложби и институционална поврзаност создаваме реални и многу подобри услови за едукација на младите генерации.
април 23, 2026

